Венко Андоновски ги кани читателите на промоција: Дојдете како археолози, да ископаме уште едно дело кое можело лесно и да не постои!

„Александар јава на Запад“, новиот роман од Венко Андоновски, ќе биде промовиран вечерва во 19 часот на малата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје. По големиот успех по три години од неговата последна книга „Папокот на светлината“ и искличително посетената промоција во киното „Милениум“, Андоновски се враќа со роман што ветува нов успех од широки размери.

Промотори ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Ерол Ризаов. Истакнатата македонска книжевна теоретичарка и професорка на Филолошкиот факултет и долгогодишниот македонски новинар и политички аналитичар, обајцата познати домашни ерудити, ќе ни го доближат овој необичен роман давајќи ни патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и воопшто во општеството.

Велат дека Аристотел напишал уште еден том од својата Поетика, кој за разлика од првиот, бил посветен не на трагедијата туку на комедијата, ама била изгубена во наслојките на земјата. Но и да е така, постои ли таа книга? И утре археолозите да ја ископаат, таа нема да постои додека не ја отвори првиот читател и не ја прочита. Книгите се магија: не постојат без читател, иако нам ни се чини дека не постојат без писател, вели Андоновски.

– И овој свет не би постоел кога би имал само создател, а кога не би биле ние, кои го гледаме, слушаме, мирисаме, допираме, вкусуваме. Истите сетила се будат кај читателот кога ја создава книгата што писателот само ја скицирал.
Во мојот најнов роман, ако е тоа роман (жанрот го нареков „чекајќи роман“), ќе се сретнете со сурова гротеска на историјата, која и ќе ве насмее до солзи, ама и ќе ве растажи до солзи. Но најважно е што ќе дознаете дека Александар можеби во животот напишал и љубовна песна, како што и Аристотел можеби напишал и втор том од Поетиката. Ако не ја отворите мојата книга, таа љубовна песна на Александар, како и сите негови авантури (заедно со Гоце Делчев) – нема да постојат, иако сум ги запишал. Читателот е светлина во зеницата на книгата. Без него книгата е неосветлена: не постои и е „темно место“ – посочува Андоновски и ги поканува читателите: „Дојдете како археолози, да ископаме уште едно дело кое можело лесно и да не постои, и да го префрлиме од непостоење во постоење. Повелете на промоцијата, зашто читањето е битие на книгата!“

Од Издавачки центар „Три“ истакнуваат дека настанот има отворен карактер и добредојдени се сите вљубеници во квалитетната книжевност.

Со „Александар јава на Запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени. Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да се нурнат во пишаното.

Книгата ќе биде на продажба на самата промоција, а веќе е достапна во сите книжарници на Издавачки центар ТРИ и онлајн на kniga.mk.

Сподели