Во преполната сала во Интернационалниот филмски центар (International Film Centre) во Њујорк синоќа беше прикажан документарниот филм „Приказната за Силјан” на Тамара Котевска. По проекцијата, режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Жан Дакар имаа свои обраќања за тоа како може да се претопи филмската екипа со човекот, но и со птицата и одговараа на прашања на публиката која како да сакаше повеќе да се заблагодари за ова филмско патување, отколку да прашува.

Филмските критичари веќе ги кажаа своите суперлативи за поетиката на Котевска да долови сложена реална приказна во документарен филм, а еден од нив, Daniel Howat oд Next Best Picture, сублимираше: „Спојувајќи мит и реализам со извонредна чувствителност, Котевска создава дело со ретка поетска моќ, филм што набљудува, слуша и на крајот ја осветлува тивката, тврдоглава убавина на самиот живот.“
Филмот ја доловува една уникатна приказна за симбиозата помеѓу македонскиот земјоделец Никола и повредениот штрк Силјан за кој тој почнува да се грижи. Филмот отвора прашања поврзани со животната средина, која директно влијае врз самата егзистенција и начинот на кој ќе продолжат да опстојуваат јатата штркови, исплатливоста на индивидуалното земјоделство, семејствата кои што се соочуваат со синдромот „празно гнездо“, упорноста на еден човек и неговите истрајни избори токму кога животот носи предизвици.

Дејствието во документарниот филм се одвива во с. Чешиново, македонско село познато како село со најмногу гнезда на штркови кои доаѓаат секоја година. Глобалниот проблем околу загрозеноста на јатата штркови која е последица од промените во природните средини, нарушени поради урбанизацијата, но и поради фактот што модерното земјоделство вклучува користење на пестициди со што се исцрпува природниот плен од кој се хранат штрковите, па тие сè повеќе ја бараат својата храна помеѓу депониите се огледува и во филмот.
Филмот продолжува да се прикажува во кината во САД.





