Францускиот институт во Скопје организира гала филмска вечер со премиерата на филмот „Луда љубов” (2024), од Жил Лелуш, на 3 декември во 20 часот, во киното „Синеплекс“ во Скопје. Настанот свечено ќе го отворат Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за соработка и култура при Амбасадата на Франција, и режисерката Марија Апчевска. Од наредниот ден филмот ќе биде прикажан на редовниот репертоар.
„Луда љубов” со Адел Егзаркопулос, Франсоа Сивил и Малори Ванек во главните улоги, е моќна романса која ги следи Жаки и Клотер, двајца млади луѓе од Северна Франција во осумдесетите години, чии животни патишта се испреплетуваат во љубовна приказна што ги надминува сите пречки. Филмот беше прикажан во официјалната програма на фестивалот во Кан, и постигна 5 милиони продадени билети само во Франција, минатата година.
За филмот, француските медиуми напишаа:
„Моќна романса со неверојатна благост и жанровски мешавина на социјална драма, крими-акција, мелодрама, романтична и музичка комедија. Филмот не смеете да го пропуштите!” (Ле Фигаро)
„Филмот е емотивен, импулсивен и динамичен (…), направен со силен ентузијазам, обземајќи го веднаш срцето на гледачот преку оваа страсна љубовна приказна.”- (Филмзакти)





