Македонска екипа предводена од мултимедијалниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ го режираше новиот спот на Дарко Рундек и Екипа кој беше премиерно прикажан како дел од претстојниот албум „Плес на танком леду“. Режијата, монтажата, дизајнот и анимацијата се на Јовановиќ, сценариото е на Хана Корнети, глума и сценографија – на театарот „Сенки и облаци“, а за камера и продукција беше задолжен Ѓорѓи Митревски. Уметнички соработник е Санда Хржиќ.
– Станува збор за шаманска и сонлива песна создадена од авторската соработка на Ана Ковачиќ и Дарко Рундек, која ја носи препознатливата длабочина и креативната љубопитност по која се познати и двајцата. Видеото што беше објавено со песната е резултат на неочекувана уметничка врска. Изборот на авторскиот тим дојде откако Рундек и Санда Хржиќ учествуваа на уметничка работилница посветена на заштитата на реките во 2023 година во Котли, Истра. Меѓу делата што беа создадени за време на процесот и кои минатата година беа претставени во Археолошкиот музеј во Загреб се издвои видео од македонските уметници Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, театарот „Сенки и облаци“ и Ѓорѓи Митревски. Тогаш нè поканија да го креираме видеото, а ние со задоволство ја прифативме поканата – вели Јовановиќ.








