Албумот Access All Areas на групата FLO на кој работеше македонскиот музички продуцент Матеј Џајковски, познат како BigSlav, е номиниран за престижната музичка награда „Греми“, сооошти продукцијата „Пасворд“. Џајковски беше дел од авторите и продуцентите на песната On & On која е дел од албумот. Access All Areas е номиниран за најдобар во категоријата Best Progressive R&B Album на 68. издание на „Греми“ што ќе се одржат на 1 февруари 2026 година во Лос Анџелес.
По издавањето на албумот, тој се најде на првото место на Apple Music во Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Песната On & On по неколку месеци од излегувањето на албумот, претставува апсолутен фаворит на фановите на групата, а песната беше рангирана високо во музичкото списание Billboard и оттогаш е константно присутна на радиостаниците во САД. Ова е прва номинација за Џајковски кој веќе подолго време работи како музички продуцент во Лос Анџелес. Неговите успеси веќе се потврдени кога негова музика се најде на во серијата Inventing Anna, која беше една од најгледаните серии на „Нетфликс“.
Тогаш „Букбокс“ објави интервју со него во кое вели:
– Растејќи, слушав многу рап и соул музика. Некои од артистите кои имаат големо влијание на мене и до ден денес се Jay-Z, Biggie, Gang Starr, SAF, D’Angelo, Marvin Gaye, James Brown, DJ Premier, Kanye West, Dr Dre, Dipset итн. Заминувањето во САД дефинитивно ми ги отвори очите – сознанието за тоа колку реално големи можности има тука и колкава разновидност се нуди на секое поле. Видов дека ми одговара начинот на живот и дека тука е мојата иднина. Кога потоа продолжив на колеџ, исто така во САД, успеав да запознаам неколку клучни луѓе за мојот живот со кои соработувам и до денес. Тоа што многу млад живеев таму, ми дозволи да станам независен, да имам јака дисциплина, да се борам за себе и сфатив дека сите идеи што ги имам и целата моја визија можам да ја остварам тука – вели Џајковски.
Целото интервју на линкот.





