Премиера на политичката драма „Утре наутро“ на Јани Бојаџи

Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан вечерва во 19.30 часот во киното „Синеплекс“. Сценариото и режија се на Јани Бојаџи. Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.

-„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Основата на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што потоа. Зборува за две семејства што се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците ги носат најчесто нивните и сите други семејства. Филмот е посветен на сите жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која ù посветени – вели Бојаџи.

Според него филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност. Продуцент на филмот е Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија – Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев. Бојаџи е и продукциски дизајнер и композитор. Сценограф е Гоце Попов, костимограф – Зорка Тодорова, а шминкер – Ирена Сенокозлиовска.

– Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно – вели Бојаџи.

По премиерата, од 20 ноември, ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка. Продуценти се: Синемон медија фактори, „Револушн продакшн“ во соработка со „Алфа“ телевизија.

Сподели