Бесплатните повеќемесечни курсеви по математика и информатика организира Здружението „Бистри умови“. Трета година по ред тие им даваат поддршка на талентираните ученици од Македонија. Пријавувањето е едноставно и достапно за сите ученици од Македонија. Заинтересираните треба да ја посетат Фејсбук-страницата на „Бистри умови“ и да ја пополнат апликацијата за пријавување. Потоа учениците ќе ги добијат сите информации за групирање, термини и начинот на следење на бесплатните курсеви.
Иницијативата на „Бистри умови“ почна од идеја на семејството Грчеви и поддршка на нивното талентирано дете.
– Инспирирани од успесите на нашиот син, млад натпреварувач кој донесе бројни медали на Македонија, поставивме јасна мисија – секое талентирано дете да има еднаков пристап до квалитетно образование, бесплатно и достапно, без разлика каде живее. Годинава по трет пат,ги почнуваме нашите бесплатни курсеви по математика и информатика. До денес, илјадници ученици ја искористиле оваа можност, а интересот расте од година во година. Нашата цел е едноставна – да му дадеме шанса на секое дете да го развие својот потенцијал – вели Анита Атанасова-Грчев, претседателка на „Бистри умови“
Бесплатните курсеви не се само учење, туку и мотивација, напредна програма и подготовка за натпревари, целосно бесплатно.
– Вистинската промена започнува кога ќе му се даде шанса на талентот. Иднината на Македонија е во младите, а нивниот напредок започнува токму тука – велат од „Бистри умови“.





