Во каков луксуз во 4 век живеел сопственикот на палатата во Валандово

Величествениот објект кој ги изненадува археолозите повеќе од една деценија и годинава откри дел од своите тајни. Годинава за првпат ископувањата ги вршеше меѓународен тим

Сопственикот на палатата што живеел во 4 век на територијата на денешно Валандово бил личност од висок сталеж штом можел да си дозволи луксуз од оваа мера, вели археологот м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј во Скопје кој и годинава го раководеше тимот што истражување на локалитетот Стакина Чешма. Величествениот објект кој ги изненадува археолозите повеќе од една деценија и годинава откри дел од своите тајни. Годинава за првпат ископувањата ги вршеше меѓународен тим.

Ивановиќ објаснува дека работеле на две позиции – ги отворале просториите 6 и 7 на северната страна од палатата за соодветно да ги документираат и за обнова на заштитата на мозаиците според тековните норми.

– Во североисточниот агол на палатата целосно ја истраживме новата просторија 11, која лани само делумно ја откривме. Оваа просторија иако без мозаичен под ни даде многу информации, особено движниот материјал кој целосно ја потврдува хронолошката рамка на локалитетот – сиот материјал потекнува од 4 век. Пронајдовме фрагменти од луксузна керамика и стакло, алатки, клуч, а за издвојување е пронајденото депо од 23 монети. Овие наоди сега се во Археолошкиот музеј на понатамошна обработка – вели Ивановиќ.

Доцноантичка палата со повеќе од 11 простории

Археолозите веќе знаат дека во северниот сектор на комплексот има богато декорирани мозаични подови. Пред три години во рамките на објектот открија римска фонтана. Според Ивановиќ, со секоја истражувачка сезона делумно им се менува мислењето за палатата.

– До лани мислевме дека знаеме каде завршува палатата на север, но со истражувањата спроведени во последните две години и со пронаоѓањето на просторијата 11 добиваме сосема нова слика за објектот. Постојат индиции и за можни нови простории. Просторијата со фонтаната, односно приемната хала (reception или banquet hall) за жал сè уште не е целосно истражена. Се надевавме дека годинава конечно ќе ја истражиме цела и барем ќе го дознаеме нејзиниот западен крај. Но, заради проблемот кој сè уште не е решен – нефункционалната канализациска шахта, не можеме ова да го завршиме. Во моментов се работи на санација на проблемот и дислокација на шахтата и имам надеж дека во скоро време ќе го видиме целиот раскош што го има во оваа просторија – вели тој.

Во моментов се работи на решавање на уште неколку имотно-правни проблеми што ќе им овозможат на истражувачите да дознаат што се случува и на јужната страна од локалитетот. Веќе е потврдено дека се работи за луксузна доцноантичка палата со повеќе од 11 простории, од кои повеќето под мозаични подови, ѕидови декорирани во al secco техника, штукодекорација и мермерна оплата, фонтана, базен, цистерна за вода итн. Археолозите очекуваат комплексот да има и своја бања, но досега не е пронајдена.

Соработка со археолози од Полска

Истражувањата на Стакина Чешма годинава првпат се реализираат во рамки на меѓународна соработка меѓу Археолошкиот музеј од Скопје и Институтот за археологија при Универзитетот „Никола Коперник“ (UMK) во Торуњ, Полска. Ивановиќ вели дека соработката била многу природна, зашто со археологот Јакуб Мосиејчук со години работеле заедно на меѓународниот проект за истражување на Градиште Неготино.

– Таму и се спријателивме. Неговиот интерес беше насочен кон вилите во неготинскиот регион, но со малку убедување успеав да го пренасочам неговиот интерес малку појужно – раскажува Ивановиќ.

Првпат работеле заедно на проектот „Неготино Градиште“ во 2019 година, под раководство на Горан Санев (Археолошки музеј) и Николас Секунда (Институт за археологија, Универзитет во Гдањск).

– Сакавме да го искористиме искуството што го стекнавме таму на нов локалитет, а Стакина Чешма е одлична за понатамошно истражување. Постојат многу придобивки од меѓународната соработка. Официјален меѓународен договор отвора можности за аплицирање за научни грантови. Со дополнителни средства ќе се поддржи теренската работа, интердисциплинарни студии и мобилност помеѓу двете страни, Македонија и Полска. Денешните трендови во археологијата бараат таа да биде отворена и меѓународна, бидејќи се занимава со заедничкото европско наследство. Науката се базира на искуства: да се види, да се допре, да се ископа. Таа има влијание не само врз мала група научници, туку и врз локалните заедници – вели Мосиејчук.

Тој објаснува дека идните истражувања ќе продолжат на јужниот и западниот дел од античката палата, со што понатаму ќе може да се заштити локалитетот и да почне да се развива план за конзервација и презентација.

– Планираме да ангажираме специјалисти од различни области: геолози, архитекти и природонаучници. Торуњ е познат по својот средновековен Стар Град и по специјалисти за конзервација и културно наследство, па затоа ова знаење би можело да биде многу корисно. Ќе донесеме и студенти за теренска пракса, за да го споделиме македонското искуство. Малку знаеме за урбанизацијата на Средното течение на Вардар во римскиот период. Дури имаме проблеми со именувањето на античките места познати од Појтингеровата карта, како и од историските извори. Во овој случај, со истражувањата ќе се добијат нови податоци кој ќе помогнат во севкупното разбирање на овој важен регион. Локалитетот е уникатен, а архитектурата на палатата е грандиозна, што укажува дека патронот на античката палата бил богат и влијателен поединец. Ова ја разгорува нашата истражувачка љубопитност – вели Мосиејчук.

Каков потенцијал има објектот?

Ивановиќ вели дека целиот Валандовски Регион е пребогат со културно наследство, особено од аспект на археолошкото наследство. Тој смета дека целиот регион може да живее токму од културниот и од транзитниот туризам за кој многу се зборува во последно време.

– Кога зборуваме за Стакина Чешма, таа ги исполнува сите предуслови за почеток на развој токму во оваа насока. Локалитетот се наоѓа во градот Валандово, до него води асфалтен пат, и нуди атрактивни содржини. Заедно со останатите мозаици што се регистрирани во градот и со тврдината над градот може да понуди целодневна програма за туристи. Најголемиот дел од проблемите со кој се соочуваше овој локалитет или се решени или се во фаза на решавање, но за да почнеме да уредуваме, мора да решиме неколку инфраструктурни прашања, да се доистражи, а паралелно да се продолжи со конзервацијата која пред две години ја започна Заводот и музеј од Струмица. Моментот кога ќе се завршат овие активности ќе може да се планира следната фаза односно туристичко уредување – вели Ивановиќ.

Потребни за пари за да се уреди објектот и да се стави во функција на туризмот. Од буџетот ќе зависи дали палатата би била отворена цела година или пак сезонски.

– Ако сакаме да биде отворена цела сезона, освен покривна конструкција ќе биде потребно и да се застакли и да се реши климатизацијата. Секогаш постои опцијата само да се постави кровна конструкција и да биде достапна сезонски. Со археолошките истражувања на локалитетот, заедно со меѓународната соработка под наслов LAVA – Late Antique Urban Centar in Valandovo и секако во соработка со надлежните институции и општината, почнуваме градиме сериозен проект за кој сме убедени дека ќе биде во еден од најпрепознатливите, а локалитетот ќе стане магнет за туристи од кој директна придобивка би имала Општина Валандово. Ултимативната цел е локалитетот да прерасне во еден од најрепрезентативните на ниво на целата држава – вели Ивановиќ.

Проектот е дел од годишната програма на Археолошкиот музеј од Скопје, а реализацијата е со поддршка од Министерство за култура и туризам и Универзитетот „Никола Коперник“ од Торуњ.

Фото: Археолошки музеј

Сподели