„Пијанофорте – заедно за младите“ е насловот на камерно-музичкиот рецитал што ќе се одржи вечерва во 19 часот, во Ерменската католичка катедрала во Истанбул. Публиката во Истанбул ќе има можност да ужива во настапите на македонските музичари Виолета Стефановска-Шуковиќ, Иван Трајковски, Марина Чадо и Тереза Крцоска, кои ќе изведат програма со дела од Ерик Сати, Клод Дебиси, Георг Фридрих Хендл, Шарл Огист де Берио, Сергеј Рахманинов, Франсис Пуленк, Бете Илин и Димитриј Шостакович.
Концертот го организира Македонскиот културен центар во Истанбул, во соработка со Асоцијацијата на истанбулската филхармонија и Музичкото училиште „Пијанофорте“ од Скопје, како дел од мисијата за поддршка на младите музички таленти и унапредување на културната соработка меѓу Македонија и Турција.
– По исклучително успешната концертна сезона, и дома и на меѓународната сцена, музичарите од „Пијанофорте“ ја продолжуваат својата мисија со нов творечки замав. Годинава тие го збогатија репертоарот со свежи и внимателно одбрани дела за две виолини и пијано, како и за пијано четири раце – камерни формации кои, иако едноставни по својата структура, носат богатство од емоции, звук и интерпретативна длабочина, што ќе им овозможи и на истанбулските љубители на музиката да уживаат во една навистина суптилна и возвишена музичка вечер – велат организаторите.
Ансамблите од „Пијанофорте“ се составени од професионални музичари кои годинава ги посветуваат своите концерти на сребрениот јубилеј – 25 години од постоењето на Музичкото училиште. Во таа чест, репертоарот вклучува композитори чиј живот или творештво одбележуваат важни годишнини токму во 2025 година.





