Изложбата „Надеж – светлина низ темнината“ од Ана Митевска во МКЦ

Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Надеж – светлина низ темнината“ од уметницата Ана Митевска. Куратор е Јасминка Намичева. Изложбата ги обединува сликарството, звукот и пораката на надежта, преку серија апстрактни дела создадени во последните две години.

– Митевска низ својата естетика на светлина и рефлексија ја истражува човечката издржливост, тивката верба и моќта на внатрешниот мир – вели Намичева.

Изложбата ќе има и музички сегмент инспириран од песната „Во облак сонце“ со текст на Драган Михајловски, аранжман и музика на Илија Пејовски и Константин Коце Икономов, а победнички изведена од Маја Оџаклиевска на Скопскиот фестивал во 1974 година. Повеќе од пет децении подоцна, оваа композиција добива ново издание во продукција на Александар Митевски и пејачката Ана Петановска, создавајќи современа звучна рамка што ја надополнува визуелната енергија на изложбата.

„Надеж – светлина низ темнината“ носи јасна, позитивна порака дека уметноста останува просторот каде светлината секогаш победува, без разлика на времето, медиумот или генерацијата.

Сподели