Вознемирувачка приказна за љубовта и предавството, која го соочува читателот пред најтешките прашања за душата и моралот е во фокусот на романот „Договорот“ од Јордан Коцевски чија промоција се одржа пред охридската публика. Книгата е издание на издавачката куќа „Антолог“, а финансиски поддржан од Општина Охрид. Промотор на книгата беше Мерсиха Исмајлоска.
– Читајќи, особено првиот дел, како да читав еден друг Михаил Булгаков, кој слично на него се зафаќа со темата на душата и прашањата колку е таа само наша и колку со неа може да се тргува. Само што во случајот на Јордан Коцевски, отсуствува Ѓаволот, и на сцена стапува Александар. Коректор на научените концепти за рајот, пеколот и чистилиштето, креатор на метафизички простор во кој мир наоѓаат и душите на самоубијците. Со јазикот на теоријата на книжевноста, Коцевски креира и меѓу книжевен простор, кој постои на над-ниво во релација со она основното во кое се случува дејствието, како две полиња кои постојат едно во друго. Мета-простор кој и книжевно постои во рамките на еден друг – рече Исмајлоска.
Промоцијата беше посетена од голем број читатели и љубители на современата македонска литература, кои имаа можност да слушнат повеќе за романот и да поразговараат со авторот за неговите инспирации и процесот на пишување.





