ВИ, медиумите и иднината – фокус на регионалниот собир во Сараево. Умно.мк го претстави водичот за етика

Повеќе од 30 претставници на медиуми од Западен Балкан и Централна Европа и реномирани експерти ги претставија актуелните состојби со вештачката интелигенција, начинот на кој ВИ платформите може да се користат во секојдневната работа и потенцијалот што го имаат

Умно.мк учествуваше на дводневната работилница за употреба на вештачката интелигенција во новинарството и градењето отпорни редакции во иднина што во Сараево ја организираше германската организација „Томсон Медиа“ која е дел од Фондацијата „Томсон“ од Обединетото Кралство и американскиот Центар за новости, технологија и иновации (ЦНТИ). Повеќе од 30 претставници на медиуми од Западен Балкан и Централна Европа и реномирани експерти ги претставија актуелните состојби со вештачката интелигенција, начинот на кој ВИ платформите може да се користат во секојдневната работа и потенцијалот што го имаат. Поделени во два работни дена во неколку работни тие споделуваа искуства, ги презентираа своите специфичности, работеа на примери за апликативна употреба на ВИ во медиумската работа.

Увод во работилницата дадоа Ејми Мичел, извршна директорка на ЦНТИ и Каро Криел, извршна директорка на „Томсон“. Тие потенцираа колку е важно медиумските куќи да бидат во чекор со развојот на ВИ – технолошки сектор кој се развива со вртоглава брзина, а сите земји во светот споро се приспособуваат на соодветното користење, особено на законските рамки и на легислативата.

Дејвид Касвел, консултант и истражувач фокусиран на ВИ во медиумите ги раскажа своите искуства потенцирајќи дека мора да бидеме свесни дека ова е технологија на длабинско учење кој за кратко време ќе прерасне во суперинтелигентна вештачка генеративна интелигенција (ВГИ). Тешко е од оваа точка да се предвиди за што сè ќе биде способна.

Крег Форман од ЦНТИ ја модерираше сесијата на тема: „Како вештачката интелигенција може да ја подобри претплатата, да ја приспособи дистрибуција на содржини и да ја автоматизира аналитиката за зголемување на приходите. Своите искуства ги претставија Нијам Бернс од Enders Analysis од Лондон и Вероника Мунк (Denník N) од Словачка. Презентации за како дигиталните политики на ЕУ (Европскиот акт за слобода на медиуми, Законот за дигитални услуги и Законот за вештачка интелигенција) ќе влијаат врз редакциите имаа Ана Тоскиќ (Partners Serbia), Емили Рајт (CNTI) и Габор Кардош (444.hu). Мастер клас за мапирање на потребите во однос на актуелните достапни алатки и како вештачката интелигенција може да ја подобри работата на медиумите одржа Дамјан Дино од Aqtos.

Во вториот дел се одржаа кратки презентации: „Вештачка интелигенција во акција“. Ангела Петровска од „Види Вака“ го претстави проектот во соработка со „Киберфлоу“. Нивните текстови се преработуваат како рап песни. Своите проекти ги претставија и Татјана Секулиќ (N1 од БиХ), Јан Трангел (Ringier) од Словачка, Ивана Милосављевиќ (CINS) од Србија и Сами Кцику (Koha) од Косово.

Бранислава Ловре (Aimpactful) ја модерирарше сесија за „Навигирање низ црвените линии – ВИ, етика и доверба“. Презентации одржаа Никола Бачиќ (Hercegovina Info), Каја Путо (Krytyka Polityczna) од Полска, Весна Ивановска-Илиевска (UMNO), Емирјон Сења (Skyweb.al)

Ивановска-Илиевска, коосновач и главна уредничка на Умно.мк го претстави водичот за етичко користење на ВИ.
– Ние сме првиот дигитален медиум во нашата земја кој јавно објави водич за етичко користење на вештачката интелигенција. Пред да почнеме да користиме која било ВИ платформа решивме да ја информираме публиката зашто нејзината доверба ни е исклучително важна – рече Ивановска-Илиевска.

Дамјан Дино одржа мини-обука како како да се создаваат ефективни промптови за оптимизирање на создавање приказни, верификација и истражување. Собирот беше искористен и за вмрежување, размена на искуства и поттикнување на нови соработки.

Фото: Кајла Гудсон (ЦНТИ)

Сподели