Предавање и еднодневна изложба „Македонскиот фронт низ слики и предмети“

„Македонскиот фронт низ слики и предмети“ е насловот на предавањето и изложбата што ќе се одржат утревечер во 19 часот во Europe House во Скопје. Предавањето ќе го одржат двајца еминентни експерти за Првата светска војна и Македонскиот фронт, Даниела Николова, историчар и кустос-советник во Музејот на македонската борба и Ерик Алар, професор по историја во Франција и специјалист за Македонскиот фронт.

Паралелно, во холот на Europe House ќе биде поставена изложба на автентични разгледници и фотографии од приватни колекции, меѓу кои и онаа на Фросина Георгиевска и Бјорн Габриел.

– Изложбата претставува уникатно визуелно сведоштво за животот на војниците и народот за време на Првата светска војна во Македонија и ќе биде отворена само на денот на предавањето – велат организаторите.

Николова неодамна престојувала во Париз работејќи на проект за Првата светска војна и Македонскиот фронт. Како директор на Музејот на македонската борба за независност, таа е авторка на повеќе каталози и публикации за македонската историја, вклучувајќи го и каталогот „Македонија во Првата светска војна“ (2023). Нејзиното истражување се фокусира на документирањето на македонското историско и културно наследство.

Ерик Алар е професор по историја во Франција и специјалист за Македонскиот фронт. Од 2009 година спроведува археолошки истражувања и собира сведоштва за Првата светска војна во регионот на Битола. Од 2016 година е интегриран како експерт во групата за научна поддршка на Францускиот институт во Скопје за валоризација на Македонскиот фронт и автор на неколку публикации.

Предавањето ќе биде одржано со симултан превод. Влезот е бесплатен за сите посетители.

Сподели