Претставата „Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски, а продукција на Драмскиот театар од Скопје е прогласена за најдобра на Фестивалот на антички театар „Стоби“, што заврши синоќа. Претставата е наградена и за најдобра режија за Филип Петковски, како и за најдобра женска улога за Јелена Жугиќ за улогата на Клитемнестра. Наградата за најдобра машка улога ја освои Марко Трајковиќ за насловната улога во претставата „Калигула“ на Кумановскиот театар. Наградите беа врачени синоќа, а во чест на наградените беше изведена претставата „Лекција“, копродукција на Народниот театар од Штип и Театар „Моушн“.
Жирито во состав: Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски, со едногласна одлука ги додели наградите на најистакнатите остварувања на фестивалот.

„Ифигенија за ништо“
– Претставата се издвојува со силна концептуална визија, која античката трагедија ја претвора во современ политички и егзистенцијален коментар. Преку минималистички, но прецизно изграден сценски јазик, „Ифигенија за ништо“ создава длабоко емотивно и интелектуално искуство кое ја поврзува митологијата со реалноста на денешниот човек – стои во образложението.
Петковски создава моќен визуелен и звучен универзум во кој трагедијата се движи меѓу древното и модерното. Неговата режија е суптилна, но впечатлива – вешто балансира меѓу симболиката и човечката драма, овозможувајќи на
актерите и публиката да доживеат вистинска катарза, се вели за наградата за режија.
Во одлуката на жирито за најдобрата женска улога се истакнува дека „со моќна енергија и прецизна емоционална контрола, Жугиќ создава потресна Клитемнестра – мајка и жена која се бори меѓу љубовта, болката и одмаздата. Нејзината изведба е пример за актерска посветеност и сценска присутност што го држи вниманието до последниот миг“.
Марко Трајковиќ ја доби наградата за насловната улога на „Калигула“. „Тој ја толкува сложената фигура на Калигула со
извонредна психолошка длабочина и интензитет. Неговиот настап ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во живо, современо размислување за човековата природа и општествените механизми на контрола“.
„Ифигенија за ништо“ е на репертоарот на Драмски вечерва од 20 часот на сцената на Драмски. Претставата не е за лица помлади од 16 години.





