„Идентитетски паралели“ е насловот на изложбата од Лудовико Елиа Персич од Италија и Ана Трајковска од Македонија што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Изложбата е дел од европскиот проект „Креарт“, платформа за запознавање и вмрежување на уметници, уметнички форми, истражувања и реализации од различни европски градови кои оствариле соработка во период од еден месец.
Според историчарката на уметност Маја Чанкуловска-Михајловска, Ана Трајковска ќе се претстави со трилогија, налик на мала ретроспектива, во која критички се осврнува на елементите круцијални за сопствениот досегашен творечки развој.
– Трилогијата започнува со серијата „Почетоци“ нудејќи ни увид во нејзиниот ран фигуративен сликарски период. „Истражување“ е следната серија кога авторката го евоцира периодот отворен кон асоцијативно апстрактни експерименти во творештвото, а п следната серија „Градот убав“ е носталгично навраќање кон детството, и, претставувајќи ја последната творечка преокупација кон целосно апстрактен израз и ослободување на објектноста (со елементи на реди-мејд), нуди нови наративи и индивидуални исчитувања на историјата на објектите во градот, идеализмот на нивното создавање наспроти запуштеноста, заборавеноста и конечната деструкција, но и пресоздавање преку авторска реинтерпретација – пишува Чанкуловска-Михајловска.
Лудовико Елиа Персич како појдовен момент во сопственото творечко истражување и презентирање користи две основни повторливи теми – автопортретот и лончето за кафе.
– Лончето за кафе, конкретно традиционалното октагонално италијанско „лонче“ за кафе, секојдневен употребен предмет, се восприема и како дел од италијанското културно наследство од 1933 година, но во случајов егзистира како метафора за уметничкиот процес кој се одвива во повеќе последователни фази. Неговите автопортрети се израз на различни емотивни моменти, додека, пак, фигурите (автопортретни, со попартистички призвук) се сместени во амбиент во кој доминира смиреност и опуштеност како на опкружувањето, така и на самата позиција на телото – вели Чанкуловска-Михајловска.
Лудовико Персич е италијански визуелен уметник, студирал графички уметности во средното училиште „Џовани Село“ во Удине. Потоа се стекнал со диплома по истата насока на Академијата за ликовни уметности во Венеција. Моментално посетува магистерски студии по конзервација на културното наследство и историја на современата уметност на Универзитетот „Ка‘ Фоскари“ во Венеција.
Ана Трајковска родена 1995, Скопје е интердисциплинарна уметница. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Работи како асистент на Европски универзитет – Факултетот за арт и дизајн, а активно држи и часови по цртање и сликање. Нејзината уметничка практика е насочена кон експеримент во графичкиот медиум и неговата интеграција со други визуелни форми, трагајќи по нови начини на визуелна комуникација.
Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 16 ноември.





