Студентските средби „Скомрахи“ на Факултетот за драмски уметности и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски академии. Под мотото „Друг свет“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја претстават од 5 до 8 ноември на Академската сцена на ФДУ, во Драмскиот и во Албанскиот театар. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави на студенти од Белгија, Словачка, Турција, Србија заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ. Фестивалот ќе го отворат студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје со претставата „Луѓе, места и нешта” на Данкан Мекмилан.
Во рамките на програмата, на ФДУ ќе се одвиваат и две работилници – на 6 ноември во 14 часот ќе се одржи работилница водена од Катржина Јебава од Академијата за изведувачки уметности – Брно, Чешка, а на 8 ноември во истиот термин, ќе се одржи работилница што ќе ја води Умит Ерлим од Одделот за сценско-изведувачки уметности на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Малтепе – Истанбул.
Годинешните „Скомрахи“, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од желбата да се откријат нови реалности и алтернативни перспективи за уметноста, театарот и човековото постоење. Под мотото „Друг свет“, фестивалот го истражува просторот помеѓу имагинарното и реалното, границите на телото, идентитетот и сцената.
Сите настани се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на следниот ЛИНК.
Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура и туризам, а во соработка со Драмски театар Скопје, Албански театар Скопје и Кафе бар „Че“.





