„Чергари патници“ во Отворено графичко студио

„Чергари патници“ е насловен настанот што ќе ги обедини графиката и музиката вечерва во 20 часот во Отворено графичко студио при Музејот на град Скопје. Замислено како патување низ архетипите на колективната меморија, ќе бидат изложени графики и книга во сито печат изработени изминатата година во студиото на „Партизанска штампа“. Инспирирана од традиционалната македонска орнаментика и нејзината симболика и форма, изложбата го следи патот на визуелниот јазик на културното несвесно од народниот вез до современата графика. Музичката интерпретација на визуелното ќе го изведат: Јоана Ристеска, Иво Николовски, Борјан Гаговски, Тома Димовски, Марко Печеновиќ, Наталија Калајџиеска и Атанасија Гулевска. По нив ќе настапат The Вelly од Белград.

– „Чергари, патници“ тргна само како концепт под кој го препознавме својот талкачки принцип на локално ниво, перцепцијата на делувањето на алтернативната уметност како „недоволно добра“ за да биде вдомена. Во јунговска смисла, патникот е архетип на индивидуацијата – оној што тргнува во движење за да се сретне со својата сенка и да ја преобрази во светлина.

Во македонскиот јазик, патникот освен што патува, е и човек кој страда. Затоа тргнавме на пат низ симболите, да отидеме подлабоко, слој по слој, да се препознаеме и да провериме дали сме на правиот пат – велат организаторите.

Сподели