Бушавите букви се враќаат. Премиера на „Буквождер“

Среќен сум што конечно „Буквождер“ ќе ја доживее својата премиера. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца, работена со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд, вели Георги М. Унковски режисер и продуцент на анимираната серија „Буквождер“. Ова е дел од проектот „Бушав свет“, копродукција на „2БА Продукција“, „Види вака раскажувачко студио“ и Македонската радио-телевизија. Првата епизода од „Буквождер“ ќе биде емитувана на 8 ноември во 20.15 часот на МРТВ, на Јутјуб-страницата на „Бушава азбука“ и на каналите на „Види вака“.

„Буквождер“ е нова македонска анимирана серија за деца за магијата на јазикот, пријателството и заедништвото. Дарија, Марко и Филип заедно со нивниот чудесен сојузник, бувчето Ѕе, тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот.

Според Горан Игиќ, еден од продуцентите и ко-основач на „Види вака раскажувачко студио“, целта на едукативната авантура е да поттикне љубопитност кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на „Бушава азбука“ и „Буквождер“.

– Да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна за нив што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на „Бушав буквар“, последното дело на Горан Стефановски и играно продолжение на „Бушава азбука“. Со емитување на МРТ и паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата – вели тој.

Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди, а ќе бидат емитувани и дополнителни содржина како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично.

Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ. Сценариото е на Калија Киселичка.

Уметнички директор е Томи Џуровски, дизајнот на звук е на Сашко Поттер Мицевски, ко-дизајн на звук Марко Наумовски. Аниматори се Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески. Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски.

Сподели