Во „ОФФ Култур“ во Будимпешта пред многубројна унгарска публика, концерт одржаа Мишел Трајковски & Скопје виа. Тие се претставија со авторски песни и обработки на македонски народни песни, ромска музика и балканска музика.
– Музичарите ги освоија срцата на Унгарците и направија концерт што долго ќе се памети. Пред нив настапија „Оро Негро“ и „Бабра“, унгарски музички состави кои ја негуваат балканската музика – вели Златко Панзов од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.
Со концертот беше затворена манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2025“, организирана од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците на РС Македонија и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта кој прераснува во главен носител на афирмацијата на македонската култура во Унгарија.
Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ станува препознатлив и популарен културен настан во Унгарија, а унгарската публика од година на година станува сè побројна и позаинтересирана за македонската култура. Манифестацијата е поддржана од нашето Министерство за култура и туризам.





