Пишува: Александра Јуруковска
Најновиот поетски ракопис на младата Светла Јакшиќ е прекрасен спој на младешка сила и зрело поимање на поезијата. Таа беспоштедно се втурнува во треската што ја дава и носи со себе стихотворењето и на хартија пренесува многу силни слики од стих.
Во „Ноќен суфлер“ бесконечноста, минливоста и вечноста се среќаваат во една песна, некогаш и во една строфа или еден стих. Понекогаш песната се претвора во побожо пеење, молитвено говорење низ кое како мотиви се појавуваат поимите: трансепт, олтар, пророк. Често, во сликите се појавуваат и мисли кои сепнуваат и тераат на длабоко преиспитување – што би можело да биде слично на „некрстена икона низ восочно езеро“?
„Ноќен суфлер“ од една страна е младешки одговор на вечните прашања за вечноста, за „порти затворени од вековите“, но и свесен и зрел поетски влог да се биде близу до поезијата, до извориштето на зборот, кој исправен, сигурен и стамен, небаре стогодишник, клеса стих со кој утешува:
Не плаши се, светлината чудотвори
каде и да одиш, твоите деца
ќе те најдат со нови бои.
„Ноќен суфлер“, во издание на „ПНВ Публикации“ е сериозно посветување на поетската уметност на поетеса која во себе носи автентичен израз и жар за творењето.





