Има музичари кои кога настапуваат пред својата публика, а особено кога ретко доаѓаат на некое место, оставаат дел од својата душа. И кога ќе наидат на публика што не сака да ја напушти салата, тогаш тоа чувство двојно се засилува.

По само година и пол, во петокот повторно имавме можност да уживаме во убавата енергија на Јасмин Леви, ладино пејачка и кантавторка, која прави исклучителен спој помеѓу фламенкото и музиката од Блискиот исток. На Јасмин не иù треба микрофон, за да ја чуете и во последниот ред од гледалиштето. Филхармонијата и овојпат беше исполнета речиси до последно столче, а Јасмин во знак на благодарност, се поздравуваше со публиката и подари бели рози.

Ги чувме нејзините хитови Adio Kerida, Una Noche Mas, La Alegria, Mi korason, Mujer, Olvidate de Mi…
За разлика од првиот концерт минатата година, кога настапуваше со својот бенд, овојпат ја видовме во друштво на музичари од Србија, земја во која што и од скоро живее. Ја чувме во малку поизменети аранжмани, ама ништо помалку убави и впечатливи.

Јасмин Леви сигурно има своја публика во Македонија, која ќе ја пречека и по следните нејзини нови албуми. Концертот го организира агенцијата Stars&More.
Фото: Стефан Рајхл





