„Премин“ – изложба на фотографии од Горан Ристовски во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на фотографии „Премин“ од Горан Ристовски. Преку фотографскиот израз, изложбата ја прикажува безвременската привлечност на водата, доловувајќи ја нејзината сила, мистерија и непоколебливо присуство.

– Апстрактни и минималистички по природа овие фотографии овозможуваат отворена интерпретација, давајќи му простор на гледачот да ги проектира сопствените емоции, мисли или сеќавања. Фотографиите, освен романтичарскиот визуелен впечаток, се ехо кое упатуваат кон еколошките предизвици на загадување, климатски промени и човечко занемарување, прикажувајќи ја моќта и тежината на водата – темната, немирна површина како симбол на нарушената рамнотежа помеѓу човекот и природата – велат организаторите.

Горан Ристовски е ликовен уметник кој живее и работи во Струга. Дипломирал во 2009 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика. Учествувал на повеќе проекти и групни изложби во Македонија и во странство. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Ниш, Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, фотографијата, муралот. Работи како професор по ликовна уметност, еден е од основачите и членовите на Здружението ИНКА од Струга и активно учествува на проекти од областа на културата.

Сподели