„Човек во размер – (ре)откривање на јавен простор“ од Максим Наумовски и Иван Ивановски во „Центар-Јадро“

Изложбата „Човек во размер – (ре)откривање на јавен простор“ на Максим Наумовски и Иван Ивановски е отворена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Проектот ги испитува прашања преку заедничко дејствување на архитектурата и визуелната уметност.
– Урбаниот развој на Скопје мора да произлегува од сопствениот дух и топографија, наместо од брзо и некритичко прифаќање на униформни урбанистички решенија што ја бришат локалната меморија и човечката мера. Градот треба да се развива преку процес на постепено „допишување“ односно внимателно читање и надградување на постојното, каде секоја интервенција произлегува од контекстот и слоевитоста на местото. Наместо апстрактни планерски концепти, потребен е пристап што ја препознава улогата на архитектурата што одговара на размерот на човекот, на улицата и на јавниот простор како сцена на секојдневниот живот – велат авторите.
Проектот, наместо да го третира градот како фиксен систем на форми, тој го разгледува како променлива структура обликувана од секојдневни практики, материјални остатоци и навики на користење. Работата започнува со еден фрагмент од Скопје, кој го опфаќа „Центар-Јадро“ и околниот простор кој во последните години го изгубил својот јавен карактер. Со потенцијал за собирање и размена, тој постепено се испразнил од својот граѓански живот, претворен во подлога за складирање наместо место за средба.
Максим Наумовски е докторанд на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал 2009 година на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ. Од 2010 година работи како лаборант, а потоа и како асистент по група предмети од областа на проектирањето на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС Скопје. Од 2014 до 2016 година работи како соработник во наставата на Техничкиот универзитет во Виена, Архитектонски факултет, Институтот за урбан развој и пејзажна архитектура и дизајн. Од 2015-2017 година работи како надворешен соработник во архитектонското студио Bosshard & Luchsinger Architekten AG, во Виена, Австрија. Во 2022 го основа архитектонското студио k87a.xyz со кое работи на бројни архитектонски проекти.
Иван Ивановски (1983) дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2008), а во 2014 ја завршува Академијата за филмска режија на Ф.А.М.У. во Чешка. Во моментов е на постдипломски културолошки студии. Има реализирано 26 самостојни изложби (Скопје, Белград, Њујорк, Берлин, Љубљана…) и бројни групни настапи (Нотингем, Рим, Амстердам…). Работи скулптура, цртеж, инсталација, сликарство, видео, филм и анимација. Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк – Скопје и добитник на наградата „Денес“ (2014).
Изложбата ја организација на „Фликер студио“ во партнерство со архитектонското студио К87а и „Центар-Јадро“ со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Сподели