Зад секој алгоритам и машина стои човечката креативност, знаење и одговорност

4. Научна конференција „Наука за деца“ ќе се одржи утре и задутре во приватното училиште „Нова“ во Скопје, а оваа година темата е вештачка интелигенција (ВИ)

Менторската програма е едно од највредните искуства што им ги нуди „Наука за деца“ на своите стипендисти. Младите научници од Македонија добиваат шанса да работат со наши научници кои денес се дел од врвни универзитети ширум светот, вели м-р Драгана Стикова, директорка на Фондацијата „Кантарот“ и раководителка на платформата „Наука за деца“ во пресрет на 4. Научна конференција „Наука за деца“ која ќе се одржи утре и задутре во приватното училиште „Нова“ во Скопје.

Во рамките на отворањето утре предавања ќе одржат трите стипендистки – Ангела Тунеска, Софија Петковска и Деа Атанасов, кои изминатата година работеа со нивните ментори Илија Дуковски (Boston University), Андреј Ристески (Carnegie Mellon University) и Билјана Мојсоска (Roskilde University). Задутре ќе се одржат работилниците за кои секоја година интересот е сè поголем.

Во пресрет на 4. Научна конференција „Наука за деца“, која е темата што годинава е во фокус на целата програма?

– Оваа година темата е вештачка интелигенција (ВИ). Со оглед на тоа што децата растат во ера на ВИ, оваа тема ни се виде возбудлива и блиска до интересите на децата. Целта ни е да им покажеме дека технологијата не е нешто што треба да се гледа со страв, туку како алатка што може да го олесни и подобри човечкиот труд. Сакаме децата да сфатат дека зад секој алгоритам и секоја машина стои човечката креативност, знаење и одговорност.

Наместо да гледаат на новите технологии со страв, сакаме да ги охрабриме да ги користат свесно и одговорно, да разберат како тие функционираат, како можат да придонесат во науката, уметноста и секојдневието, но и да препознаат каде се нивните граници и ограничувања.

Како е замислена годинава конференцијата, што сè ќе се случува на 17 и 18 октомври?

– Конференцијата „Наука за деца“ и годинава ќе се одржи како дводневен настан исполнет со наука и креативност. Првиот ден ќе биде свечено отворен со предавањата на минатогодишните финалисти на наградата „Иван Ќостаров“, кои изминатава година работеа под менторство на наши истакнати научници кои работат на реномирани странски универзитети. Вечерта ќе продолжи со прогласување на годинашните добитници на наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и наградата за најдобар млад презентер „Колега Стиков“.

Вториот ден е пак целосно посветен на децата. Тие ќе имаат можност да учествуваат на две возбудливи работилници, едната посветена на создавање песни со помош на ВИ, а другата инспирирана од нашата визија за час од иднината. Оваа година имаме соработката со Холандската амбасада и плод на таа соработка е конкурсот за научни постери посветен на холандската наука. Од постерите ќе биде поставена изложба, а најкреативните автори ќе добијат награди. И, како и изминативе денови низ Македонија, така и на конференцијата ќе биде присутно робот-кучето АВВИ за да ги воодушеви, насмее и инспирира најмалите научници.

Вештачката интелигенција е голема тема за која нè засега сите. Зошто е важно децата да знаат што е ВИ и како правилно да ја користат?

– АВВИ е само еден пример за тоа како вештачката интелигенција ќе биде насекаде околу нас. Нема простор за паника, затоа што технологијата и така веќе зазема голем дел од нашето секојдневие. Сепак, вештачката интелигенција е уникатен предизвик затоа што ние инстинктивно ù припишуваме квалитети на живо суштество.

Кога децата ќе го видат АВВИ, првиот инстинкт им е да го погалат, иако знаат дека тоа не е живо куче. На конференцијата ќе разговараме за разликите помеѓу вештачката и човечката интелигенција и за тоа како сепак човекот е „пилотот во авионот“.

Покрај стандардните активности, работилници во основи училишта низ Македонија, онлајн активности, интересни конкурси и предизвици за децата, годинава повторно ќе бидат доделени наградите за научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и за најдобар млад презентер „Колега Стиков“. Како тие влијаат на интересот на децата за наука?

– Наградите „Иван Ќостаров“ и „Колега Стиков“ се вистинска инспирација за децата кои сакаат да се изразат преку науката. Тие претставуваат важен чекор во поддршката на младите таленти во Македонија. Со наградите сакаме да создадеме мост меѓу детската љубопитност и светот на вистинската наука.

Тие се поттик за децата да истражуваат посмело и да веруваат во сопствениот потенцијал. Многумина од тие што учествувале претходните години сега се дел од нашата поширока научна заедница и продолжуваат да придонесуваат со нови идеи и ентузијазам. А за нас најголемата награда е да бидеме сведоци на тоа како од љубопитни ученици се раѓаат идни млади научници.

Веќе неколку години по ред петмина стипендисти на „Наука за деца“ се менторирани од реномирани научници од Македонија кои работат на престижни универзитети во светот. Како се развиваат стипендистите? Колку менторирањето влијае на трасирањето на нивниот пат во понатамошното образование и нивните интереси за наука?

– Според нас, менторската програма е едно од највредните искуства што им ги нуди „Наука за деца“ на своите стипендисти. Младите научници од Македонија добиваат шанса да работат со наши научници кои денес се дел од врвни универзитети ширум светот.

Драгана Стикова

Идејата ни е со менторирањето да им отвориме пат на младите умови, да ги охрабриме и мотивираме да продолжат со научна работа и да се стремат кон повисоки цели. Работата со научниците ги води младите научници низ процесот на поставување и тестирање хипотези, донесување заклучоци и научно презентирање на резултати. Убедени сме дека менторството ќе помогне да се изгради нова генерација млади научници кои ќе придонесат за напредокот на науката во Македонија.

Фото: Наука за деца, Небојша Гелевски-Бане

Сподели