Ви претставуваме извадок од расказот „Рецептот на Шопер за долговечност“ на Мимоза Ристова, што е поместен во книгат раскази „Последниот разговор меѓу Дафинка и Дафинка“. Книгата, во издание на „Просветно дело“, ќе биде промовирана на 14 октомври (вторник) во 19 часот во Mr Jack во Скопје.
По не знам каква случајност, тогашната министерка за образование токму мене ме номинираше за да ја претставувам Македонија заедно со неколку помлади колеги на Форумот за инцијативата за проектот SEEIIST– инаку, скратеница за мал истражувачки центар за хадронска терапија, или мал ЦЕРН за Балканот, во кој ќе се лекуваат пациенти болни од рак со помош на забрзани јони.
Тогаш за првпат во животот го видов Хервиг Шопер, величествена личност од светот на фундаменталната нуклеарна физика. За него само знаев дека беше два мандата едноподруго директор на Европскиот центар за нуклеарни истражувања – ЦЕРН, и тоа токму кога се копаше и кога се градеше големиот кружен акцелератор за судири, колајдер за електрони и позитрони (LEP), прстен со радиус од 27 километри, вкопан длабоко под земјата на границата помеѓу Швајцарија и Франција. Единствено што знаев за Шопер е дека најголемиот мерен инструмент на планетата е најмногу негова заслуга. Двете Нобелови награди за откритието на W- и Z-бозоните, но и за Хигсовиот бозон, за потврдата на стандардниот модел, беа негова огромна заслуга, иако Шопер немаше добиено Нобелова награда за тоа.
На форумот во Трст дознав дека овој човек направил уште цел куп големи подвизи во изградбата на научната инфраструктура насекаде по светот. Сепак, за негова најголема заслуга се сметаше најголемиот проект на Наука за мир или Наука за дипломатија, изградбата на синхротронот СЕЗАМЕ во Јордан. Тоа беше заеднички истражувачки капацитет на повеќе арапски земји, вклучувајќи ги и Израел и Палестина, тема за која имаше неколку предавачи.
Идејата на Шопер и неколкуте други влијателни физичари беше да се размножи моделот на ЦЕРН во мали ЦЕРНчиња, т. е. да се сплотат научниците од закрвавените земји за целите на заеднички хумани научни истражувања и тие да станат модел за другите во општествата, особено за политичарите. Шопер беше познат насекаде, па дури и во нуклеарниот центар во Дубна, близу Москва, како член на научниот совет, и насекаде по светот каде што се градеа меѓународни нуклеарни истражувачки инфраструктури.
Конечно, Шопер беше таткото на идејата да се создаде мал ис-тражувачки центар со забрзани јони по моделот на ЦЕРН за земјите од Балканот, кои за Европа политички претставуваа рогови во вреќа. И, токму сега во Трст, на овој наменски и величествен форум, се консолидираа иницијалните сили и се претставуваше овој проект за креирање меѓународен институт, кој го нарекоа со скратеницата– SEEIIST.
Трст и Софија 2018
Кога го повикаа Хервиг Шопер на подиумот во ICTP во Трст, тој излезе без лаптоп, без презентација, без ливче за потсетник и цели 30 минути ја објаснуваше заднината и добронамерноста на проектот за балканските земји, кои имаат грубо воено минато, а некои биле или сè уште се закрвени непријатели и се мразат без причина. Наместо сето тоа, Шопер предложи тие да ја пренасочат енергијата и да се здружат за истражувачки и за хумани цели во заеднички ис-тражувачки центар, па од нивните истражувања човештвото конечно да види некаков аир. А, нивните пријателски односи да станат модел и пример за политичарите, т. е. да се промовира научна дипломатија во земјите на Балканот, во кои мирот е премногу кревок, а бурето барут лесно запаливо.
Шопер предавањето го заврши со раскажување на својот сон. Кажа дека насон му дошол грчкиот бог Кајрос (Kαιρός), богот на можностите, на среќата и на поволните моменти, богот кој е одговорен за нелинеарноста на времето, за разлика од Хронос, кој инаку дава линеарен тек и потоа ги жнее животите на луѓето, како Бог одговорен за смртта. Појасни дека Кајрос има нешто што наликува на мерен инструмент и точно знае кога и каде да поттурне за да се случи некој настан, бидејќи има и крилца на стапалата. Кажа дека во неговиот сон Кајрос му шепнал на увото дека сега е вистинскиот момент кога треба да се отпочне со инцијативата за истражувачите од балканските земји да се сплотат за да изградат заеднички ис-тражувачки центар – SEEIIST. Едноставно, елоквентно, духовито и скромно прераскажување на еден фантастичен сон.
Воопшто не ми беше јасно како ќе дојдеме до реализација на ваквиот утопистички Шоперов сон за толку крупен отскок од локалните национализми, омразата и мизантропијата што ја негуваме со децении по распадот на Југославија. Но, кога идејната основа потекнува од малечкиот мудрец Шопер, кој е преполн со креативна енергија што досега имаше направено огромни реализации, тогаш и да не ви е многу јасно, вие би требало да верувате, поради неговата биографија преполна со голем број беспрекорни грандиозни успеси.
По Трст 2018 година, следуваше нашата средба во Софија, на која под водство на Шопер дојде до формирање на Извршниот одбор на SEEIIST. Тогаш одблизу го запознав Шопер, за кој од бугарскиот колега Литов дознав дека има речиси 94 години. Ја забележав за време на состанокот шокантната виталност. Но, и покрај тоа, знаејќи ја импозантната бројка за возраста на Шопер, додека чекавме да нѐ прими бугарскиот претседател Румен Радев и стоевме пред вратата за да нѐ спроведе протоколот, јас на Шопер му понудив да му донесам столче за да седне. Ми се виде така умесно, зашто во воспитувањето од мојата младост паметам дека во автобус им станувавме на старите за да седнат. Шопер со индигнација ме одби и веднаш потоа ми се насмеа за да не се навредам. И, така, додека чекавме за аудиенција кај Радев, повеќето од нас цупкаа и се чувствуваа неугодно поради стоењето пред резбаната врата од ореово дрво, но не и Шопер. Тој си стоеше мирно, со умствената сила што воспоставуваше совршена контрола над неговата спокојна моторика. Притоа, човекот одеше од член до член, од делегат до делегат и со сите се запознаваше лично. Уште тогаш се посомневав дека е Шопер изгледа најмладиот меѓу сите нас, иако јас, но и повеќето од делегатите од балканските држави бевме на возраст од 40 до 60 години.
По состаноците се разделивме со Шопер и со другите, зашто ние од македонската делегација решивме да си заминеме без да вечераме. Мислам дека Бугарите ни немаа соопштено во поканата некаква децидна покана за вечера.
Тирана 2018
Следната средба беше во Тирана. На состанокот некако хаотично се дискутираше, но не се донесуваа одлуки како што е редот, т. е. со гласање според деловникот усвоен во Софија, поради неукоста на Црногорката што ја избравме за претседателка. На крајот македонската делегација понуди наредниот состанок да се одржи во Скопје. По состанокот заменик-министерот за образование и наука нѐ однесе на свечена вечера во клубот на политичарите, т. е. некогашна резиденција на славниот диктатор Енвер Хоџа.
….
Прочитајте го целиот расказ во книгата „Последниот разговор меѓу Дафинка и Дафинка“.
Фото: Јутјуб принтскрин





