Изложбата „Приказни за замислен дом“ синоќа беше отворена во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (објект Педагошка). Изложбата е резултат на повеќемесечната соработка меѓу студенти и наставен кадар од ФЛУ и Колеџот за кинеска и азиска уметност при Универзитетот во Ченгду (Кина).
– ФЛУ неделава е домаќин на две значајни уметнички случувања кои го истакнуваат неговиот континуиран ангажман во поттикнување на меѓународната размена и современото уметничко образование. Покрај изложбата „Приказни за замислен дом“, во соработката со австриската амбасада во Скопје во тек е работилница „Lines Released“, посветена на уметничкиот израз „уметничка книга“ – велат од ФЛУ.

Работилницата ја води уметничката од Австрија, Регина Хардаба (www.hadraba.at), со асистенција на Михаил Паскоски, а во неа учествуваат студенти од втора и трета година додипломски студии на Факултетот. Работилницата ќе биде заокружена со изложба на учесниците која ќе биде отворена задутре (13 октомври), во Сули ан во Старата скопска чаршија, во Галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“.
На синоќешната изложба учествуваат 18 студенти од Скопје и Ченгду од различни студиски насоки – сликарство, графика, визуелни комуникации и дизајн на продукт.
– Секој студент, во соработка со партнер од другиот универзитет, создава визија за тоа како би изгледал родниот град на неговиот партнер по 100 години. Крајниот резултат се дела во различни медиуми – дигитални и традиционални слики, цртежи, текстилни модели, анимации и спекулативни игри – кои ја покануваат публиката да размисли за иднината на заедницата, природата, технологијата и значењето на домот – објаснуваат од Факултетот.

Во изложбата учествуваат студентите: Билјана Богдановска, Денис Денчиќ, Јана Крстеска, Стефанија Цветановска, Лука Димитриевски, Нина Настев, Сара Ачкоска, Ана Гошева и Дарко Бојовски, Емили Џојс, Болорџин Гонгор, Патира Дуангџај, Сохиба Кучкарова, Талин Гуин, Меи Као, Викторија Шумеика, Кират Сомроо и Чан Ки Јин.
– ФЛУ ја потврдува својата определба да биде активен простор на интернационална соработка, експериментирање и размена на уметнички практики, овозможувајќи им на студентите директен контакт со различни културни и уметнички контексти – велат од Факултетот.





