Нашиот истакнат диригент Џијан Емин и пијанистот Франческо Тристано настапија како дел од културната програма на свечената инаугурација на големиот војвода на Луксембург, Гијом. По завршувањето на концертот, Емин му го подари на новиот војвода диригентското стапче, симбол на хармонија и лидерство, посакувајќи му долго и успешно владеење. Тристано, пак, му ја предаде партитурата со изведената музика, како спомен на уметничката инспирација која го одбележа овој ден.

Емин го предводеше оркестарот во изведбата на композицијата „ОПА“, специјално напишана за овој историски настан, со што ја потврди својата репутација како уметник со визија и автентичност. Настапот се реализираше на покана на Филхармонијата на Луксембург, по нивниот успешен заеднички концерт одржан во јануари годинава.

Франческо Тристано, познат по својата виртуозност и длабока музичка чувствителност, настапи како солист на пијано, внесувајќи извонредна емоционална димензија во целокупната изведба.
Џијан Емин веќе со години ја гради својата интернационална кариера како диригент, композитор и мултиинструменталист. Познат е по својот уникатен стил што спојува класична музика, џез, рок и електро звуци. Неговите соработки со светски музички имиња како Дерик Меј, Џеф Милс, Хуан Аткинс, Франческо Тристано, како и добитници на „Оскар“ и „Греми“, меѓу кои А.Р. Рахман, Курт Елинг и Арве Хенриксен, сведочат за неговиот интернационален углед и уметнички кредибилитет.

Од друга страна, Тристано, образован на престижната школа „Џулијард“ во Њујорк, е светски признат пијанист кој мајсторски го истражува спојот на класиката и современата музика. Неговиот пробив во 2011 година со „Дојче грамофон“ и проектите како Bach/Cage го позиционираа како еден од најиновативните пијанисти на својата генерација.

Настапот на Емин и Тристано во Луксембург претставуваше симфонија на елеганција, страст и интелектуална прецизност – концерт кој ја надмина формата на протокол и се претвори во вистинска прослава на уметноста.





