Пошта – симболот на Скопје, како современ сувенир. Подарете приказна што вреди!

Поштата во Скопје, поточно Телекомуникацискиот центар, дело на архитектот Јанко Константинов, е еден од објектите во градов кои послужија како инспирација на Бојана Стојменовска и Михајло Стојановски да создадат креативни производи кои го слават архитектонското наследство на градот. Поштата, еден од бруталистичките обележја на Скопје, спаѓа во архитектонските зданија по кои светот нè препознава и цени.

Стојменовска и Стојановски создадоа современи сувенири – разгледници, постери, магнети, бележници дизајнирани во модернистички стил кои резонираат со самите објекти. Производите може да ги најдете и нарачате на интернет-страницата https://www.skopjemodern.com/.

Сите производи ги има на македонски јазик, на кирилица, и на англиски јазик. Тие се пригоден подарок за сите со софистициран стил, истенчен вкус кои во време на хиперпродукција на сè и сешто, тешко успеваат да најдат нешто соодветно, со издржана приказна и контекст. На страницата ќе најдете и дел од производите на Умно. Во серијал текстови ќе ги претставиме објектите кои се дел од понудата на „Скопје модерно“ и приказната зад секои од нив.

Телекомуникацискиот центар во Скопје претставува составен елемент од планот на Кензо Танге за реконструкција на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година и несомнено е еден од најзначајните архитектонски и урбани ансамбли изградени во периодот на постземјотресната обнова на градот, пишува на интернет-страницата https://architectuul.com/.

– Објектот добил исклучителна локација во самиот центар на градот – на десниот брег на реката Вардар, спроти средновековната тврдина. Процесот на проектирање започнал во 1968 година, а реализацијата завршила по повеќе од две децении подоцна, по бројни измени и бурни дискусии. Во значително рационализирана и поедноставена форма, прифатеното проектно решение било поделено на три јасно диференцирани целини, секоја сместена во посебна зграда: Телекомуникацискиот ПТТ центар, Шалтер-салата и Административната зграда (која никогаш не била изградена според оригиналниот проект), сите поставени на обединета платформа издигната 1,5 метар над нивото на улицата – пишува д-р Ана Ивановска-Дескова, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Телекомуникацискиот ПТТ центар се состои од два сегмента – правоаголен волумен (приземје + 4 ката) и кула како вертикален доминант (приземје + 7 ката). Моќната просторна структура на претежно затворената зграда првично била наменета за сместување на сложена телекомуникациска опрема. Нејзината програма и дизајн произлегле од долготрајно и детално проучување на телекомуникациската технологија, за да се предвидат и задоволат долгорочните потреби на ПТТ-сообраќајот. Со своето издигнување, објектот внесе нова силуета во градот и во наредните години стана еден од архитектонските симболи на Скопје – статус што дополнително се зацврсти со изградбата на Шалтер-салата.

– Шалтер-салата била изградена во втората фаза од реализацијата на комплексот, кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години. Со својата кружна форма, таа ја надополнува фигуративната игра на елементите – веќе изградената правоаголна телекомуникациска зграда, вертикалата на кулата и предвидената кубусна маса на административната зграда – пишува Ивановска-Дескова.

Телекомуникацискиот центар претставува современа скулптура во бетон, со високи архитектонски и естетски вредности. „Бруталистички“ во својот архитектонски израз, тој го користи необработениот бетон на начин што ја урива традиционалната поделба меѓу конструкција и обвивка. Намалувањето во однос на материјалите и боите е надоместено со богатство на експресивни архитектонски елементи и каприциозни форми кои експериментираат со пластичните својства на материјалот.

Фотографии: Мила Гавриловска

Сподели