Под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“ платформата Наука за деца и семејството на нашиот познат спортски коментатор Александар Стиков го отвори конкурсот за наградата „Колега Стиков“. Конкурсот е отворен за основци и средношколци чија задача е да снимат еден интересен експеримент, или да направат репортажа за познат научник или изум, а се прифаќаат и интересни решенија во кои се користи вештачка интелигенција. Најдоброто видео ќе биде наградено до 500 евра.
Според пропозициите, видеата треба да траат најмногу до 2 минути и до 14 октомври да се испратат на: naukazadeca.mk@gmail.com со основни податоци на ученикот: име и презиме, одделение/клас, училиште, град и телефон за контакт.
– Можеш и да го објавиш на твојата омилена социјална мрежа со #НаукаЗаДеца. Колку повеќе лајкови, толку повеќе шанси за победа! – велат од Наука за деца.
Победникот ќе добие награда од 500 евра, која ќе биде доделена на 17 октомври, за време на 4. конференција „Наука за деца“. Дополнително победникот ќе добие менторство од познати новинари и инфлуенсери за неговата/нејзината инфлуенсерска кариера.
Наградата го носи името на Александар Стиков (1947-2023), доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2.000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.





