„Скаменети потези“ е насловот на изложбата од Аница Китаноска која вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Куратор на изложбата Гордана Велков, историчар на уметност. Изложбата ја истражува врската помеѓу мозаикот и сликарството, нудејќи свеж поглед на традиционалниот медиум низ лична, телесна и чувствителна перспектива. Во заеднички разговор, Велков навестува дека Китаноска магистрирала ликовна уметност и современ мозаик на Факултетот за ликовна уметност во Равена.
– Семејното наследство на вевчански неимари ја обликува мојата уметничка определба, но и од свесноста дека Равена е единственото место во светот каде мозаикот може да се изучува на академско ниво, што ја прави таа можност навистина ретка. Мозаикот отсекогаш сум го доживувала како исклучителна техника, денес речиси заборавена во споредба со сликарството. Кога заминав таму, не знаев дека постои современ мозаик, но токму тоа откритие ме обликува, да ја гледам традицијата не како минато, туку како жива основа за експеримент и за развој на мојот личен пристап, во кој секое камче станува „скаменет потег“ – објаснува Китаноска.
Аница Китаноска (2000, Вевчани) припаѓа на новата генерација уметници што го обновуваат мозаикот надвор од неговите традиционални рамки. По студиите во Равена, Италија, каде што се специјализира за современ мозаик, нејзините дела биле изложени во „Ријксмузеум“ во Амстердам, во Франција, Скопје и Равена. Добитничка е на Националната награда за уметност PNA (Италија, 2023) и членува во ДЛУМ и меѓународното здружение MARTE.
Изложбата во август беше отворена во Охрид. Поставката во Музејот на град Скопје ќе биде отворена до 22 октомври.





