Со UWC програмата младите културно го осознаваат светот, добиваат збогатено знаење, учат да ги почитуваат различностите

Со гордост можеме да кажеме дека сме имале македонски ученици на сите 18 колеџи (средни училшта) низ светот. Истовремено, измината година го надминавме бројот на 100 македонски алумни — со првиот ученик, истакнатиот проф. д-р Александар Шиколе, кој заминал на UWC колеџ во далечната 1971, за време на Југославија – вели Марко Инѓилизов, дел од програмата United World Colleges Macedonia.

Секој ден, се потсетувам колку сум благодарен на моето двегодишно искуство, сите убави поуки и зборови, насмевки и поддршка, и љубов која се простира низ целиот свет, вели младиот велешанец Марко Инѓилизов, кој студира трета година на Универзитетот Принстон во САД. Таму студира на Факултетот за меѓународни и јавни политики. Патот до Принстон бил можен преку неговото искуство – да може да биде дел од United World Colleges програмата, која на средношколци од трета и четврта година средно образование, им помага да стигнат до универзитети низ многу земји и да учат со врсници од цел свет.

-UWC образованието, помошта од моите соученици, наставници и кариерни советници ми помогна сега да го живеам својот сон – вели Марко.

Во тек е конкурсот за пријавување за стипендии во наредната година.

Од кога постои UWC Македонија и како настана?

– Во минатото, Министерството за образование и наука го има вршено процесот за одбирање на учениците-претставници. Почнувајќи од 2010 година, Македонскиот национален комитет е формиран согласно вредностите на глобалното UWC движење, како еден дел во мрежата на 150 национални комитети во исто толку држави низ светот. Комитетот е составен исклучиво од поранешни ученици на еден од UWC колеџите кои волонтерски го водат селекцискиот процес.

Колку ученици досега имале можност да учат средно училиште, во некоја од земјите на UWC?

– Со гордост можеме да кажеме дека сме имале македонски ученици на сите 18 колеџи низ светот. Истовремено, измината година го надминавме бројот на 100 македонски алумни — со првиот ученик, истакнатиот проф. д-р Александар Шиколе, кој заминал на UWC колеџ во далечната 1971, за време на Југославија.

Што е најважно за еден ученик да може да ги добие оваа стипендија? Што се вреднува најмногу?

– Во текот на селекцискиот процес, Комитетот се води од шест главни критериуми: интелектуална љубопитност, активна ангажираност, лична одговорност, општествена зрелост, мотивација за UWC и академска подготвеност. Секогаш велиме дека не постои типичен профил на UWC ученик: секоја година, горди сме на нашите ученици кои се толку различни и посветени кон разни цели. За нас, разноликоста е предност и едноставно сакаме автентично да ги запознаеме новите кандидати, со сите нивни прекрасни карактерни особености и интереси.

Во кои земји најчесто аплцицираат и имаат интерес?

– Учениците не аплицираат за конкретни UWC колеџи, туку покажуваат интерес кон движењето и мисијата на UWC. По завршувањето на вториот круг на апликацискиот процес, Комитетот ги обзнанува понудите кои што ги има добиено за календарската година, по што им се дава можност на успешните апликанти да ги рангираат колеџите и да ги искажат своите желби. При финалната ранг-листа, Комитетот ги цени истовремено: ранкингот на апликантите, финансиската распределба, и истакнатите желби на успешните апликанти. Сепак, ретко можеме на сите апликанти да им ги понудиме најомилените колеџи, но секоја година по заминувањето на UWC, главните пораки кои што ги добиваме се дека апликантите не би си го смениле колеџот за никој друг. Својот колеџ е љубов на прв поглед.

Кои се придобивките од изборот на оваа програма?

– Придобивките се огромни во поглед на личното развивање и општествената зрелост која ја стекнуваат UWC учениците. Секој ученик е цимер со соученици не само од различни земји, туку и од различни континенти. Во мојата прва година на UWC колеџот во Танзанија, јас бев цимер со соученици од Хаити, Сомалија и Танзанија — земји за кои многу малку знаев на почетокот, но бев активен слушател кога моите цимери споделуваа за нивните искуства и земји. На ист начин, тие научија многу за Македонија. Во секој UWC колеџ, учениците живеат во помали куќи или заедници, каде што имаат настани организирани од училиштето, но и настани кои сами ги организираат, каде што ги споделуваат личните искуства, култури, традиции и мислења.

Често се случува да се научи и кога се готви доцна во ноќта, па така јас ги проширив своите знаења за традиционалната облека во Јужен Судан додека готвев макарони. Во поглед на академскиот дел, програмата Меѓународна матура (на англиски, International Baccalaureate) е достапна во Македонија, но на UWC колеџ учењето со соученици и наставници од толку различни позадини нуди уникатен бенефит во училницата. Учениците истовремено ги пренесуваат знаењата од училницата во локалната средина низ волонтирање, интеркултурни настани, и активности во слободното време. Во поглед на иднината, UWC учениците се активно поддржани преку програмата Davis Scholars, што им гарантира финансиски грантови доколку аплицираат на листа од 100+ универзитети во САД — процес низ кој тие се активно поддржани од советниците за кариерен развој.

На кратко: прекрасно културно осознавање, збогатени знаења, ценење на различностите и убавините на светот, осознавање на нова држава и култура, и прекрасна иднина.

 

Сподели