Претставата „Дон Жуан“ на бугарскиот режисер Васил Василев, во продукција на Народно позориште од Ниш, Србија ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Албанскиот театар во Скопје. Гостувањето е во рамките на Меѓународниот театарски фестивал „Скупифестивал“. Премиерата беше во јануари годинава. Главната улога во претставата ја игра Дејан Лилиќ, првенец во Драмскиот театар во Скопје. Играат и: Драгиша Вељковиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Андрија Митиќ, Урош Милојевиќ, Катарина Митиќ Павловиќ, Наталија Јовиќ, Данило Петровиќ, Марјан Тодоровиќ, Милош Митровиќ.

Васил Василев е бугарски театарски режисер и менаџер за сценски уметности, со богато искуство во областа на културната политика и менаџмент. Василев во Москва ја доби наградата „Бронзен витез“ за претставата Лицето од Александар Галин, а во 2019 година ја доби наградата за режија на 9. Меѓународен фестивал на камерниот театар, во организација на Новиот европски театар на здружението НЕТА, за претставата Договорот од Мајк Бартлет.

Од април 2022 година, Васил Василев е директор на Националниот театар „Иван Вазов“ во Софија.
На програмата на фестивалот утревечер во 19 часот ќе гостува „Јалта арт рум“ од Софија, со претставата X во режија на Бојан Крачалов. Во 20.30 часот ќе следува изведбата на „Иван Вазов“ од Софија, во режија на Деклан Донелан.
Фестивалот ќе биде затворен в сабота, на 4 октомври со изведбата на „Половина – животот на Марија Кири“ на Театар „Метропол“ од Тирана.





