Два софиски театри ќе гостуваат вечерва на 19. „Скупифестивал“ во Скопје. Од 19 часот ќе гостува „Јалта арт рум“ со изведбата на „Икс“, додека во 20.30 часот ќе следува изведбата на „Медеа“ на Националниот театар „Иван Вазов“.
Автори на „Икс“ се Омар Kајам и Бојан Крачалов, а режијата е на Крачалов. Настапува актерот Васил Дуев – Туиг.
– Да ја наречеме „Икс“ точката каде што се сече нашиот јавен лик – оној што го конструираме „за пред луѓето“, што изговара и повторува општопознати тврдења, што секогаш оди малку подгрбавен поради неможноста да го каже тоа што навистина го мисли – со нашиот личен, никому непокажан лик, чииот глас не можеме да го замолчиме кога ќе останеме сами. Да го наречеме „Икс“ непознатиот човек оној што може да биде секој друг, секој од гледачите, секој од нас и да му ја довериме задачата вербално да го формулира сето она што лебди низ неговиот збунет разум – велат авторите.
Претставата „Медеjа“ од Еврипид е во режија на познатиот англиски режисер Деклан Донелан. Играат: Радина Карџилова, Велислав Павлов, Валентин Ганев, Асен Данков, Јавор Валканов, Стелиан Радев, Вера Табакова, Радена Валканова, Жорета Николова, Стефанија Колева, Елена Иванова, Надја Керанова, Ана Пападопулу и деца актери.
Името „Медеја“ може да ја разбуди сликата на врескачко, убиствено чудовиште од античко време. Но Еурипид ја доближува нејзината приказна непријатно блиску до дома. Неговата Медеја е многу реална жена која се соочува со ситуација што за неа изгледа како неподнослива. Таа се плаши дека ќе доживее целосно понижување, што за неа претставува истребување. Нејзиното решение е екстремно, но не и непознато во денешниот свет. Ние мислиме дека нејзиното дело е премногу емоционално и нерационално, но всушност, ужасниот чин е резултат на строга логика. Можеби ова е навремено предупредување за нашиот свет, кој сè повеќе е опседнат со алгоритми на ефикасност и вештачка интелигенција – да не ја изгубиме здраворазумноста и обичната човечка пристојност по секоја цена. Логиката е добар слуга, но лош господар, стои на интернет-страницата на театарот.
Публиката еден час стои и е на самата сцена додека актерите играат меѓу нив.





