Нова академска година на УКЛО: Започнувате возбудливо патување кое ќе ве научи на истрајност, храброст, посветеност

На Економскиот факултет во Прилеп при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола вчера се одржа првиот академски час. Овој факултет одбележува 65 години постоење, а со настанот започна и мандатот на новата деканка, проф. д-р Татјана Спасеска, која во своето прво обраќање им упати срдечно добредојде до студентите.

– Започнувате возбудливо патување кое ќе ве инспирира и ќе ве научи на истрајност, храброст и посветеност. Искористете ги академските можности, особено оние што ги нудaт Еразмус+ и ЦЕПУС, како и Алијансата КОЛОРС, која ве поврзува со над 128.000 студенти од осум европски универзитети и ви го приближува европското образование дома – рече Спасеска.

Проф. д-р Татјана Спасеска

Посебна потврда за успешната соработка со бизнис-заедницата и локалната самоуправа е доделувањето на 30 стипендии од компаниите: Конфи Ангел, Прилепска пиварница, ВИК Македонија, Витаминка, Кули и Еуролинк осигурување и стипендии од Општина Прилеп која дава поддршка и за Универзитетската летна пракса на УКЛО.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, во своето обраќање истакна дека младите луѓе не може да се излажат. Фактот што годинава има 20 проценти повеќе запишани студенти на Економскиот факултет е најсилен доказ за довербата во неговиот квалитет.

-Дополнително, доделените стипендии од приватниот сектор и стипендии со поддршка на Општината ја потврдуваат тесната соработка со реалниот сектор и локалната заедница. Компаниите препознаваат дека токму овде се создаваат квалитетни кадри кои за неколку години ќе придонесуваат за нивниот развој. Тоа е најдобриот показател за угледот на Факултетот и за Универзитетот во целина. Во пораката до академскиот подмладок тој ги поттикна студентите да бидат здрави и среќни за да може со активност и мотивираност да ги искористат сите академски ресурси на УКЛО – рече Неделковски.

Економскиот факултет – Прилеп, годинава бележи најголем раст на новозапишани студенти на УКЛО, во споредба со минатата година, што се оценува како најсилен доказ за довербата и квалитетот на оваа институција.

Инаку, новата академска година започна свечено во сите единици на УКЛО, со доделување на индексите, запознавање со наставниот кадар и јасна порака: универзитетскиот живот е многу повеќе од учење – тоа е животна школа, патека кон иднината и простор за професионален и личен развој.

Сподели