„Мајка“ во официјална селекција во Токио, Андријана Цветковиќ трета година е единствена жена и странец во тимот на фестивалот од А-категорија

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска влезе во официјалната селекција на 38. Интернационален филмски фестивал во Токио, што ќе се одржи од 27 октомври до 5 ноември. За македонската кинематографија ова претставува значаен успех и продолжување на традицијата на присуство на еден од најреномираните филмски фестивали во светот.

Во последните години македонските филмови добија значајна видливост на TIFF: „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов (SDGs in Motion), „Кајмак“ на Милчо Манчевски (Official Selection), и годинава „Мајка“ на Теона Митевска. Овој континуитет е редок успех за една мала кинематографија и делумно произлегува од отворањето на програмските можности во рамките на фестивалот.

Андријана Цветковиќ

Македонија, пак, е претставена и преку работата на д-р Андријана Цветковиќ, филмски режисер, професор и поранешен амбасадор, која трета година по ред ја извршува функцијата сениор програмски директор на TIFF. Таа е единствената жена и единствениот странец во раководниот програмски тим на фестивалот – позиција што ја вбројува меѓу клучните фигури во неговото обликување. Во 2021 година Цветковиќ беше и член на официјалното фестивалско жири.

Цветковиќ е и куратор на Women’s Empowerment Section, воспоставена со поддршка на Токиската метрополитенска влада. По втор пат годинава, секцијата носи седум филма и три панел-дискусии посветени на режисерки, женски филмски фестивали и родовата еднаквост.

„Иако дигиталното кино и вештачката интелигенција отвораат нови можности за маргинализираните гласови, родовиот баланс во индустријата и понатаму останува сериозен предизвик,“ истакна Цветковиќ на прес-конференцијата.

Фестивалскиот претседател Хиројасу Андо, пак, го потенцираше тространиот фокус на TIFF 2025: унапредување на родовата еднаквост, поддршка на младите таленти преку „Asian Students’ Film Conference“ и зајакнување на дијалогот преку „TIFF Lounge“, каде ќе се одржи разговор помеѓу Јоџи Јамада и Ли Санг-ил, добитник на наградата „Куросава Акира“.

Со вклучувањето на „Мајка“ во главната конкуренција и со работата на д-р Андријана Цветковиќ како единствена жена и странец во раководниот тим, Македонија останува активно присутна во наративот на еден од најголемите светски филмски фестивали.

Сподели