Балетската претстава „Градина на почетоците“ по музика на Стојан Стојков, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Националната опера и балет. Стари, антички музички записи биле инспирација за композиторот Стојков да ја создаде музиката пред повеќе години, а либретото е работено според поемата на Ефтим Клетников, „Маж и жена со лице спроти ѕвездите“. Kореографијата е на Џан Арслан од Турција.
Со оваа претстава, НОБ ја отвора новата сезона. Ова е трет балет на Стојков што во историјата на Балетот ќе биде поставен. Претходеа „Охридска робинка Ташула“ (2002) и операта „Змејова невеста“ (2011-2012).
– Композицијата не е романтична, туку е повеќе современа, со интересна оркестрација. Мојот предмет на интерес и работа беше полифонијата. Истражувам и им пренесувам на студентите музика од пред 7. век. Во тоа истражување наидов на интересни антички примери кои сакав да ги слушнам, зашто малку се познати во музиката, иако во историјата и литературата има вакви записи. Оттука почна целата работа, потоа се надоврзуваа сликите и така се направија вкупно девет. Јас претпочитам македонски рурален фолклор, кој е податлив за обликување на сценско дело и композиторски приод. Сакав на моите студенти да им покажам дека треба да знаат да создадат дела и врз база на духовна музика и врз база на електронска музика и врз база на современите текови во творештвото – рече Стојков.
Играат: Mарија Кичевска-Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија). Со Оркестарот на МОБ ќе диригира Иван Еминовиќ.
Според Арслан, музиката на Стојков е многу силна.
„Разговарав со него, му кажав што видов јас во неа. Ја видов визијата. Идеите ни беа слични и одлучив да се вклучам во проектот. Ова беше убаво патување, работевме многу сите“, кажа тој.
Кире Павлов, генерален менаџер на Националната опера и балет, истакна дека се надевам дека ова дело подолго ќе се задржи на репертоарот и дека ќе успеат некои од македонските дела да ги презентираат надвор. и да аи продадеме“, кажа Павлов.





