Музичко образование: Додека уметничките предмети се сметаат за споредни, промените ќе бидат само шминка

Децата немаат основни услови за престој во училиштата. Исто како улиците – полни се со дупки, а најважно е имињата да се сменат, вели Дарија Андовска од Факултетот за музичка уметност

Сите критики и коментари за реформата во образованието, чие планирање е веќе во напредна фаза, се чинат како после свадба – тапани. Очигледно е дека намерата за конструктивност во приодот е декларативна, но не и реална, исто како и образложението дека на децата има треба повеќе креативност, комуникација и начини да се спознаат и изразат себеси. Наместо да имаат повеќе часови во кои преку песна и цртеж ќе почнат да навлегуваат во светот на знаењето и креативноста, ним тоа им се крати, вели  Дарија Андовска, професор на Факултетот за музичка уметност. Бројни негодувања од релевантни установи посветени на изучувањето на музиката, здруженија на музички педагози и други асоцијации се спротивставија на новиот концепт за основно образование на Министерството за образование и наука, според кој ќе се намали бројот на часови по предметот музичка култура. Од МОН објаснуваат дека децата ќе можат да имаат повеќе часови по музичко ако го изберат како изборен предмет.

Дарија Андовска

Колку е важно музичкото образование за развојот на креативноста на децата? Андовска вели дека бројни истражувања на реномирани институти покажуваат дека музиката и учењето музички инструмент му овозможуваат на детето подеднаков развој на левата и десната хемисфера на мозокот, развој на моториката, координација на екстремитетите, ориентација во простор и време, апстрактно мислење и помнење, придонесуваат кон емпатискиот и емоционалниот развој.
– Платон вели: „Би ги учел децата музика, физика и филозофија, но најважно од сѐ, музика, зашто патерните во музиката и сите уметности се клучот на учењето.“ (тука тој мисли на mousike techne) – вели Андовска.

Сакатење уште во стартот

Уметничките предмети никако да го добијат соодветното место во нашето образование. Обидувајќи се да ја совладаат соржината по математика или друг предмет, наставниците од одделенската настава често одземаат од часовите по уметничките предмети. Андовска вели дека во нашиот систем многу нешта не го добиле вистинското место, па и овие предмети.
– Да почнеме од стигматизирањето на професиите (уметниците се неразбрани, сиромашни, луди, ексцентрични) за да стигнеме до недостатокот на свест за развојот на детето и придобивките од уметничките предмети во основното училиште. Наместо развој, добиваме сакатење уште во стартот. Не треба ова да звучи омаловажувачки за сите неуметнички предмети, но најмалку што треба да се постигне е изедначување по важност на сите предмети и стимулирање на радост и уживање во работата кај децата – категорична е Андовска.

Таа вели дека не треба да се оди подалеку од некои училишта во Скопје – во каква состојба се тоалетите, ѕидовите, греењето, дали воопшто има интернет во училиштето, па потоа да се разговара за проблемите во образованието.

– Децата немаат основни услови за престој. Ова е слично како промената на имињата на улиците – полни се со дупки, крпеници, нема атмосферска канализација, соодветно сообраќајно обележување, ама важно е имињата да се сменат. Суштината е важна, а таа е тука пропуштена! – децидна е Андовска.

Според неа, наместо шминкање на проблемите, реформите треба да се наочат кон неколку клучни нешта: на Педагошкиот факултет каде се образуваат идните кадри треба да се запишуваат најдобрите (со дополнителни психолошки евалуации за тоа кој е способен да работи со деца); слични евалуации за средно и за високо образование; елиминација на партизацијата во школството и воведување на мериторни вработувања; домашното воспитување и односот кон даскалите.
Во последните години опаднат е интересот за студирање и на факултетите за музичка уметност кај нас. Каква е тоа поврзано со односот кон музичката култура уште од основното образование? Андовска вели дека тоа не е резултат само на игнорантниот однос од основното и средно образование.
– Даскалите со сомнителни квалитети, партиски вработени, стигматизацијата на професијата, доминацијата на турбо-фолк-кич „културата“, декаденцијата, непринципелната борба и мизерното живеење го прават своето. Уметноста бара една поинаква, пософистицирана, почувствителна состојба на духот и умот, која ова време или не ја дозволува или систематски ја уништува. Ќе останеме само лушпи од луѓе – вели Андовска.

Кратењето часови по музико – лоша одлука

За харфистката Мерсиха Шукри од ансамблот на Македонската филхармонија, кратењето на часовите за предметот музичка култура во основното образование е многу лоша одлука. Промените се неминовен процес, но многу е важно да се одвиваат во позитивна насока со одредена придобивка, во случајов за развојот на личноста на детето, посочува Шукри.
– Уметноста е една возвишена и благородна дејност која влијае врз емотивната интелигенција и духовниот развој. Сите слушаме музика без разлика на типот и само таа ни буди чувства кои ни го збогатуваат секојдневниот живот. Затоа е многу важно децата да ги научиме да ја слушаат, да ја негуваат и разбираат. Тоа многу ќе им помогне да се развијат во ментално здрави луѓе кои подоцна ќе се справуваат со сите предизвици што ги носи животот. Не смее да се дозволи умствената активност да биде приоритет. Мора да се негува и духовното. Како што се сеќавам кога се школував, дури два часа беа премалку, а не пак сега со еден час. Никако не се согласувам и поддржувам тоа да се случи – вели Шукри.

Мерсиха Шукри

Таа потсетува на заборавените воншколски активности со музика. На пример, имаме исклучително малку мандолински оркестри во основните училишта. Мандолинското музицирање кое со денецении е печат за нашата држава, денес сериозно замира.
– Предметите физичко, ликовно, музичко отсекогаш се сметале за споредни и мислам дека проблемот лежи во многу субјекти, како кај родителите, така кај педагозите и учениците. Поголема важност даваат на оние „главни или посериозни“ предмети, не размислувајќи дека сите заедно прават една целина и многу е важно да се има баланс. Секое дете има талент за нешто и треба да му се помогне да го негува така што ќе му биде овозможено максимално да се пронајде себеси. Жално и неодговорно е да гледате како детето не е физички активно, како не умее да ги искаже своите чувства, предизвикани од некоја слика или музика. На крајот на краиштата, сите сакаме да имаме психофизички здрави деца, а тоа вклучува работа во сите сегменти и не смее едно да преовлада над друго. Затоа треба многу одговорно да се пристапи кон секоја промена – категорична е Шукри.

Талентите од мали се препознаваат

Наставникот Горан Лазаров бележи речиси 20 години посветена работа во две основни училиште во гевгелиско. И тој смета дека никако не треба да се крати бројот на часовите по музичко образование, зашто на овие часови децата можат да ги искажат своите способности во пеење, свирење на детски музички инструменти и на класичните и народните инструменти.
– Многу е важно овие часови да ги држат наставниците по музичко образование. Сум одржал безброј часови од прво до петто одделение, на предлог на колегите од одделенска настава – претежно во областа на темата пеење. Не можам да ја искажам желбата на учениците за докажување на нивните способности од областа на пеењето – објаснува Лазаров.

Горан Лазаров

Токму од најмала возраст се препознаваат способностите и надареноста на ученикот за пеење или свирење. Тие се запознаваат со начинот на интерпретирање на една песна, пеење во групи како и индивидуално интерпретирање на една детска песна во придружба на инструмент од страна на стручен наставник.
– На овие часови секогаш времето недостасува, а учениците прашуваат: „Кога ќе имаме следен час?“ – вели Лазаров.
Тој е дециден дека реформите се многу важни и поради подобрување на условите за реализација на предметот музичко образование и на наставните програми од стручни наставници по музичко образование кои предаваат во основно образование.
– Треба да има поделба во изготвувањето на наставните програми – посебен тим за основно и за средно. Во овие тимови треба да бидат вклучени повеќе наставници со нивни предлози. Голем фактор е изготвувањето и на учебниците. Еве веќе две години како работиме со нови програми, а со стари учебници – завршува наставникот.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели