Институтот за етнологија и антропологија одбележа 20 години од основањето

Околу 50 учесници од 11 земји од светот учествуваа на Меѓународната конференција „Македонија во етнолошката и антрополошката наука – од внатре и од надвор“ што се одржа викендов во Охрид. Со конференцијата беа одбележани 20 години од основањето на Институтот за етнологија и антропологија и 25 години од излегувањето од печат на списанието „ЕтноАнтропоЗум“. Конференцијата во петокот ја отворија ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, проректор за меѓународна соработка, проф. д-р Александар Скепаровски и проф. д-р Даворин Трпески, декан на Природно-математичкиот факултет во Скопје во чиј состав е Институтот за етнологија и антропологија.

– Иако нашата земја и нашите луѓе можеби не биле „топ-дестинации“ од интерес на антрополозите од светот, сепак голем број истакнати истражувачи од странство активно учествувале во развојниот пат на етнологијата и антропологијата во Македонија во претходниве децении. Нивните истражувања не само што ги направиле Македонија и „македонското прашање“ попознати во меѓународната јавност туку и активно придонесле во профилирањето на дисциплините дома – велат од ИЕА.

Поделени во повеќе сесии, научниците имаа интересни излагања и дебати.

Јошко Чалета и Ива Ниемчиќ од Хрватска зборуваа на тема „Од документирање на минатото кон ангажман со сегашноста: промени во етнолошките истражувачки пристапи – случајот на карневалот во Ластово“. Излагањето на Ендру Граан од Финска беше на тема „Трамваите на Скопје: за проектите и дијалектиката на аспирација и фрустрација“. Ана Ашталковска-Гајтаноска пак зборуваше на тема „Оспорено знаење: политиките на курикулумите по етнологија и антропологија во Македонија“.

Марчин Лубаш од Полска зборуваше за „Македонскоговорни муслимани во калеидоскопот на антрополошки истражувања: агенди, прашања, дебати и морални односи“. Мојца Рамшак од Словенија имаше излагање за „Мириси како нематеријално културно наследство: нови пристапи кон зачувување на олфакторните димензии во словенечките музеи“. Ова се само мал дел од богатите дискусии и дебати што се случуваа изминатите три дена покрај Охридското Езеро.

Сподели