Во Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ во Скопје задутре во 11 часот ќе се одржи второто Државно квиз-првенство на Македонија. Натпреварот е отворен за сите љубители на квизот, во индивидуални натпреварувања и во двојки. Првенството го организира Македонската квиз асоцијација (МКА).
– Ги покануваме сите заинтересирани да ни се придружат на оваа интересна и интелектуална квиз-забава, каде што можете да се натпреварувате и да го покажете своето знаење во разни области. Единствени критериуми што треба да ги исполните е да сакате да го покажете своето знаење, да сакате дружба и забава и најважно – сите нешто да научиме. Ве охрабруваме да ни се придружите – велат од МКА.
Државното квиз-првенство состои од два настана, поединечно натпреварување и натпревари во двојки. Поединечното натпреварување се состои од пишани тестови со 200 прашања од осум различни области (спорт, наука, историја, свет, медиуми, животен стил, култура и забава) на коишто секој учесник треба да одговори точно, на што поголем број прашања, за два часа. Автор на квизот е минатогодишниот државен првак Жан Павлов.
Натпреварите во двојки се состојат од вкупно 150 прашања кои ќе бидат распоредени во два дела. Првиот дел се состои од 100 прашања и времето за решавање е 60 минути. Откако ќе бидат прегледани најдобрите парови ќе учествуваат во финалниот дел кој се состои од 50 прашања и се решава за 30 минути. Поените од двата дела се собираат, а поените освоени во финалната рунда вредат двојно. Автори на овој квиз се минатогодишните шампиони Филип Гогу и Ален Калач.
На првенството може да учествуваат натпреварувачи од цела Македонија. Поединечната котизација за секој од квизовите изнесува 200 денари по човек, а за учесниците пријавени на двата квиза – 300 денари.
Котизацијата можете да ја уплатите на денот на одржување на првенството или на жиро-сметката на МКА: 210075841210139. Пријавувањето можете да го направите на линкот.
Насловна фотографија: Архива МКА





