Македонскиот Културно-информативен центар во Белград организира свечен празничен концерт со еминентни македонски музички уметници и ликовна изложба со десетина современи македонски ликовни уметници. Настаните се по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Концертот ќе се реализира вечерва во 19 часот, а ќе настапи Скопскиот дувачки квинтет во состав: Марија Јакимовска, флејта; Васил Атанасов, обоа; Ристо Ѓоревски, кларинет; Орце Ицковски, фагот и Александар Гошев, хорна.
На празничната музичка програма ќе бидат исполнети дела од Хајдн (Дивертименто), Фаркаш (Унгарски танци), Бизе (Кармен) и грст македонски композиции и обработки од Бранѓолица (Три пиеси), Прокопиев (Суита, Лабин и Дојрана), Агостини (Суита Македонија), Смокварски (Тешкото).
Скопскиот дувачки квинтет е познат македонски музички состав кој постои повеќе од 4 децении, бележи забележителни настапи на бројни познати музички сцени, а за својата работа членовите на квинтетот се наградувани со врвни државни музички награди и и бројни општински признанија.
На 10 септември, во 19 часот, во просториите на КИЦ Белград, во соработка со Националната галерија на Македонија ќе биде отворена и репрезентативна групна изложба од десетина познати современи ликовни уметници, под наслов „Простори на конјункција”.





