Во рамките на иницијативата „Џез за чудаци“ вечерва во 21.30 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје ќе настапат: Добрила Грашеска – вокал, Дориан Јовановиќ – чапман стик, Нинослав Спировски – саксофон и Филип Букршлиев – гитара.
Организаторите велат дека ова е музика за тие што кога следат некој натпревар на телевизија, од принцип навиваат за тој што е на последната позиција; во автобусите од градскиот превоз секогаш седат на задните седишта, не поради погледот и поголемиот простор за протегнување на нозете, туку затоа што таму, покрај бучавата на моторот, можат да мислат подобро; кога врне, дождот го слушаат како симфонија во изведба на олуци, покриви и настрешници и воопшто не ни вложуваат напор за да ја поправат ролетната што се заглави претходната есен; имаат навика фрижидерот да го затвораат со целото тело, ама не од мрза, туку од грижа за да не побегне светлината од сијаличката што повремено губи контакт; љубопитно ја бараат смислата и приказната во пропаднатото копче од лифтот и будно внимаваат некој да не остави чаша вода на истата површина на којашто во моментот мирува нивната омилена книга; декларациите од конзервите грашок ги читаат како да се скриени писма за иницијација во некое тајно здружение и секогаш уредно ѝ се извинуваат на мачката откако случајно ќе ѝ го згазат опашката додека им се мота низ нозе; никогаш со светлата не им сигнализираат на возачите во спротивниот правец дека зад кривината чека полициско возило и секогаш, ама баш секогаш, во маркет ја враќаат кошничката на место за да може да ја користи некој друг…





