Уметници од Македонија, Хрватска, Србија и од Црна Гора на ликовната колонија „Дрен“

Уметници од Македонија, Хрватска, Србија и од Црна Гора учествуваат на 17. Mеѓународна ликовна колонија „Дрен“ што се одржува во прилепскиот манастир „Св. Ѓорѓија“. Во преубавата природа, во пријатна атмосфера творат уметниците Јуре Кокеза, Звјездана Јембрих, Злата Томљеновиќ, Звонко Павличиќ, Снежана Манасиќ, Стефан Анчевски, Васко Горѓиев, Дејан Макаријоски, Верче Николоска, Александар Џинго, Ферди Булут, Марјан Стојаноски, Златко Крстески, Емил Димоски, Слободан Милошевски и Бојана Тошевска. Колонијата ја организира Центарот за култура „Маро Цепенков“ од Прилеп.

– По втор пат сум во Прилеп. Пред 26 години бев учесник на старата прилепска колонија. И бидејќи имав одлични впечатоци дојдов повторно тука. Преубава е средината во која твориме, одлични се условите за работа – вели Звјездана Јерембих од Загреб.

Злата Томљеновиќ од Риека е одушевена од пределот и од гостопримството. И Снежана Манасиќ од Србија е вторпат на „Дрен“.
– Има одлична организација, убава природа – вели таа.

Дел од македонските уметници, учесници на колонијата велат дека се задоволни од дружењето и што имаат можност да разменуваат искуства. Сепак, координаторот на проектот Марјан Стојаноски потенцира дека поддршката за колониите треба да биде поголема.

– Очекуваме уметниците да создадат нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот во ноември – вели Стојаноски.

Сподели