Фестивалот „Бит фест 2025“ ќе биде затворен утревечер во 21 часот на платото пред Офицерскиот дом. Настанот ќе донесе едно поинакво аудиовизуелно искуство, поврзувајќи го културното наследство, дигиталната уметност, музиката и актерството во едно.
По два месеци исполнети со култура, уметност и инспирација, „Бит фест“ ќе го заокружи своето 17-. издание. Во рамки на затворањето ќе биде претставена завршната видеопрезентација на “Bitola Art Mapping” – проект кој ја трансформираше Битола во сцена за современа уметност и креативен дијалог. Главната цел на “Bitola Art Mapping” е создавање на уникатно културно доживување преку активирање на јавниот простор и поврзување на уметноста со граѓаните.
Видеото ќе послужи како културно-туристичка промоција на фестивалот, а содржините ќе бидат континуирано споделувани и на социјалните мрежи на Општина Битола, во соработка со КИЦ Битола.





