Колку се „рамковни“ вработувањата во Националната галерија на Македонија, а колку во Уметничката галерија во Тетово?

Дали назначувањето на директори е политички договор помеѓу коалициските партии на власт, се почитува ли соодветната правична застапеност на заедниците според бројот на вработени во двете институции кои се резултат на Рамковниот договор донесен на 13 август 2001 година со кој заврши воениот конфликт во Македонија на почетокот на овој век

Истражувајќи ги актуелните состојби во Националната галерија на Македонија и отворањето на прашањето дали назначувањето на директори е политички договор помеѓу коалициските партии на власт, се обративме до Министерството за култура и туризам за неколку статистички податоци поврзани со оваа институција и со Уметничката галерија во Тетово. Во Македонија постојат неколку уметнички галерии, но најголем дел од нив вршат галериска дејност. Во нив се отвораат времени изложби на уметници, камерни концерти, едукативни работилници и слично. Националната галерија на Македонија е единствената институција од овој вид каде се чуваат вредни уметнички дела и колекции заштитени со Закон и нејзина основна дејност е музејската и заштитата на културното наследство. Збирката на Галерија постојано се збогатувала и денес брои над 1.600 дела од 14 до 21 век.

Состојбите во Националната галерија кулминираа летово откако во јули беше назначен новиот директор, Али Синани. На огласот конкурираа и три вработени во галеријата, кои тврдат дека изборот на директорот е политичка одлука, што не смее да се дозволи во културна институција од национално значење. Тие се убедени дека креирале многу подобра програма за развој на институцијата во наредните четири години, од програмата што ја понудил нивниот конкурент Синани. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вели дека во изборот била вклучена и тричлена комисија од ресорното министерство, сите четворица кандидати ги исполнувале условите, но трите кандидатки од НГМ поднеле идентична програма. Поради тоа изборот паднал на Синани. Сепак, адвокатот Димитар Петровски вели дека ова не е спорно и случајот во моментот е во Управниот суд во Скопје. Против Министерството за култура и туризам поднесена е тужба за поништување на решението за избор на директор во Националната галерија.

На прашањето дали изборот на Синани е политички договор со коалицискиот партнер „Вреди“, Љутков објасни дека секоја политичка партија преферира и сугерира одреден кадар, но секаде се поставени висококвалитетни луѓе, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ или од СДСМ.

Синани за Умно.мк вели дека нема политички мотиви – се пријавил на конкурсот за директор зашто своите врски од долгогодишното живеење во Швајцарија сака да ги искористи за развој на институцијата.

Според историчарот на уметност Златко Теодосиевски, кој долги години работеше и се пензионираше во Националната галерија, а во еден период и беше директор на установата, „ако министерските и заменичките позиции се политички позиции и таму може да бидат кооптирани партиски кадри независно од стручноста и компетентноста, директорските места во културните институции тоа не смеат да бидат.“ Неговата колешка, реноминраната историчарка на уметност Викторија Васева-Димеска, која раководеше со Галеријата пред 25 години алармира дека објектите, особено Даут-пашиниот амам е во многу лоша состојба, а во него се чува историјата за почетоците на македонската уметност.

Истражувајќи ги сите аспекти од ресорното Министерство побаравме податоци кои биле директори во изминатите години во Националната галерија (од годината на нејзината трансформација) и дали се почитува соодветната правична застапеност на заедниците според бројот на вработени во двете институции. Т.н. „рамковни вработувања“ се дел од Рамковниот договор донесе на 13 август 2001 година со кој заврши воениот конфликт во Македонија на почетокот на овој век. Тие се опишани во точка 4 – Недискриминација и правична застапеност.

„4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на

сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за развојот на деловните активности.

4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела, истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја коригираат постоечката неурамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност …“

Малкумина знаат дека Националната галерија на Македонија е основана во 1948 година како Уметничка галерија „Скопје“ и таа е најстара ликовна институција од ваков тип во Македонија. Прв в.д. директор на Галеријата бил академскиот сликар Борко Лазески, а по него истакнатиот ликовен уметник Никола Мартиноски. Во 2005 година Уметничката галерија „Скопје“ е трансформирана е во Национална галерија на Македонија. Оттогаш директори на галеријата биле:

– Златко Теодосиевски, директор (2002-2007)
– Маја Крстевска, директор (2007-2011)
– Халиде Палоши, директор (2011-2014)
– Дита Старова-Ќерими, директор (2015-2019)
– Дита Старова-Ќерими, директор (2019-2024)
– Али Синани, директор (2025-денес)

Од 2005 година до денес в.д. директори биле: Маја Неделкоска-Брзанова (2014-2015), Шќипе Мехмети (2019), Маја Неделкоска-Брзанова (2024-2025)

– Во моментов во Националната галерија во Скопје има 46 вработени, од кои: 34 Македонци, 11 Албанци и еден Србин – велат од Министерството.

Тоа значи дека во институцијата бројот на вработени Албанци изнесува 25,6 отсто.

Националната установа „Уметничката галерија“ во Тетово е формирана во 2007 година. Оттогаш до денес директори на галеријата биле:

– Менсур Демири, директор (2007-2008)
– Валмир Азири, директор (2008-2011)
– Африм Зибери, директор (2012-2018)
– Илир Куртиши, директор (2020-2023)
– Арбенита Мета, директор (2023-2024)

Од 2007 година до денес в.д. директори биле: Бехар Ферати (2008), Бехар Ферати (2 месеци 2011-2012), Решат Пајазити (2018-2020), Беса Даути (2024 година), Арбенита Мета (2024-денес).

На прашањето во моментот колку вработени има во Уметничката галерија во Тетово и каква е соодветната правична застапеност на заедниците според бројот на вработени, од Министерството одговорија:

– Бројот на вработени во Уметничка галерија – Тетово е 22 лица. Од нив еден е Македонец, а 21 се Албанци – велат од Министерството.

Тоа значи дека во институцијата бројот на вработени Албанци изнесува 95,5 отсто.

Сподели