Донаторска акција за стари книги, плочи и цедеа

Донаторска акција за стари книги, плочи и цедеа организира Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ во соработка со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“. Акцијата трае од 18 август до 18 септември, а старите книги, плочи и цедеа можат да се донесат во кафе-книжарницата „Илика“ од понеделник до сабота, од 8 до 13 часот и од 17 до 22 часот.

– Ги повикуваме сите пријатели, поддржувачи, издавачи, музичари, фанатични колекционери и сите кои сакаат да им олеснат на своите библиотеки, да предложат добра музика на некои нови луѓе и да бидат дел од градењето на независна младинска култура, да ги донираат своите стари книги, плочи и цедеа што се во добра состојба. Со акцијата сакаме да придонесеме кон освестување на заедницата за директно учество во независната култура и културните настани, меѓусебна помош и поддршка и за поголемо вмрежување на уметниците. Како и да ја подигнеме свеста за реупотреба на старите предмети, а на овој начин можат да добијат втора шанса кај некој нов вљубеник во уметноста – велат од „Култура Бета“.

Собраните книги ќе бидат изложени на донаторски базар во рамки на фестивалот „Ре-култура“ што ќе се одржи на 26 и 27 септември, а собраните средства ќе бидат вложени во поддршка на локалната младинска културна сцена, организирање настани и објавување независни изданија.

Сподели