Наградата „Енхалон“ ја доби младата поетеса Гала Матевска

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на 64. издание на Струшките вечери на поезијата. Одлуката ја донесе тричлено жири составено од: Стефан Костоски (претседател) и членовите Никола Ѓелинчески и Пепи Стамков.

– Песната „Студ“ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина. „Белите океани“ симболизираат и минато и иднина, а последната слика – студот на друго лице што студи на своето – ја нагласува блискоста и оддалеченоста што постојат истовремено. Лирична и искрена, песната ја носи борбата со сопствената тежина, но и потрагата по светлина и возвишеност – пишува во одлуката на жирито.

 

Сподели