Димитар Петровски, адвокат: Решението за избор на директор на Националната галерија треба да се поништи

Случајот во моментот е во Управниот суд во Скопје. Против Министерството за култура и туризам поднесена е тужба за поништување на решението за избор на директор во Националната галерија

Дали е законски тројца вработени во иста институција со иста програма да конкурираат на отворен оглас за директор на таа институција? Ова се чини е главниот фактор според кој министерот за култура и туризам Зоран Љутков одлучувал кој од четворицата кандидати да ја добие раководната функција во Националната галерија на Македонија. На конкурсот распишан во април годинава се пријавиле три вработени во галеријата, искусни кустоси со богати биографии и Али Синани, уметник кој долги години живеел во Швајцарија каде имал своја уметничка галерија.

Трите вработени во галеријата, Маја Неделковска-Брзанова, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска што конкурирале на повикот тврдат дека изборот на директорот е политичка одлука, што не смее да се дозволи во културна институција од национално значење. Тие се убедени дека креирале многу подобра програма за развој на институцијата во наредните четири години, од програмата што ја понудил нивниот конкурент Синани.

Љутков рече дека документите ги разгледувала и тричлена комисија од ресорното министерство, сите четворица кандидати ги исполнувале условите, но во делот на понудената програма тројца кандидати поднеле идентична програма. Поради тоа изборот паднал на Синани.

Адвокатот Димитар Петровски ги застапува трите вработени во галеријата. Од нив едната е виш кустос, другата кустос-советник, а третата кустос-советник воедно и доктор на науки. Сите работат во галеријата помеѓу 15 и 25 години. Синани има докторат од областа на ликовната дејност. Петровски тврди нека нема ништо спорно во тоа што сите кадидатки конкурирале со иста програма.

– Според член 30 од Законот за култура, секој кандидат треба да достави своја програма на конкурсот, а Министерството за култура и туризам си ја толкува на свој начин. Ние се водиме по тоа што трите кустоси работат заедно со години и не гледам ништо спорно ако имаат идентични гледишта за развој на институцијата. Дури можеби и заедно ја конципирале и конкурирале со неа. Точно е дека министерот има дискрециско право да го избере раководителот на институцијата. Но, каде е тука одговорноста дека станува збор за општествена институција од исклучително значење за културата во нашата земја? Не ли треба да се избере оној што има најголем кредибилитет да раководи со неа? Најдобриот кандидат? Во биографиите многу јасно е наведено каков домашен и меѓународен кредибилитет имаат сите три кандидатки. Тоа се мерливи нешта. Исто како и програмата. Многу лесно може да се спореди и да се заклучи која е поквалитетна и подобра за институцијата – објаснува Петровски за Умно.мк.

 Ана Франговска, Маја Неделковска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска (од лево кон десно)

Случајот во моментот е во Управниот суд во Скопје. Против Министерството за култура и туризам поднесена е тужба за поништување на решението за избор на директор во Националната галерија. Петровски објаснува дека има уште една повреда на постапката. Конкурсот завршувал на 27 април и според Законот за установи, директор треба да се назначи во рок од 30 дена по завршување на конкурсот.

– Решението требало да биде потпишано најдоцна до 27 мај. А Синани е назначен за директор на 9 јули – објаснува Петровски.

Синани за Умно.мк тврди дека неговата кандидатура нема политички мотиви.

– Јас не сум политичар. И отворен сум за соработка со сите професионалци. Имам контакти со многу уметници од странство и можам да придонесам за развој на Националната галерија. Затоа се кандидрав на конкурсот. Ги повикувам сите за работиме заедно, па и тие од политиката се добредојдени за соработка. Целта ми е да градам мостови со Европа, а не политика – вели Синани.

И Љутков на брифингот со новинарите негираше дека изборот на Синани за директор на Националната галерија на РС Македонија е политички договор со коалицискиот партнер „Вреди“. Тој рече дека секоја политичка партија преферира и сугерира одреден кадар, но секаде се поставени висококвалитетни луѓе, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ или од СДСМ.

(ПРОДОЛЖУВА)

Фото: Национална галерија на Македонија

Сподели