Јулијана Величковска за збирката „Рајсфершулс“, издание на „ПНВ Публикации“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на Струшки вечери на поезијата, објавена на македонски јазик. Одлуката ја донесе жирито составено од: Санде Стојчевски (претседател) и членовите Зоран Анчевски, Иван Џепароски, Лулзим Хазири и Иван Антоновски.
Во образложението за наградата пишува:
„Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов „Рајсфершлус“, во којшто, се разбира, ги насетуваме и семантичките значења и плетки, па дури и плодоносните еуфониски хармонизирања, а очигледно, поетесата најмногу игра на убавиот предизвик на возбудлива читателска провокација.“
Ова се специфичности и квалитети на првиот дел од книгата, додека вториот циклус, според жирито, нанесува уште еден семантички слој, главно со дијахрониски исход, зумирајќи врз природата и врз настаните поврзани со историските хероини што нејзе ѝ прават впечаток, но раздиплувајќи го текстот и на тој начин досипувајќи знаци, податоци и симболи од нашата современа цивилизација, поистоветувајќи го лирскиот субјект со дамнешните личности и судбини.
Најновата поезија на Величковска, може да се типизира како постмодерна, експериментална и длабоко феминистичка поезија којашто тежи да ги истражува идентитетот, телото, траумата и моќта на зборот. Клучна тема е телото – како објект на желба, на страв, како мајчинско тело, како сведоштво, формирано преку хумор и иронија. Песните во ова дело не се класично структурирани. Тие се фрагментарни, колажни, исполнети со метафори, дијалози, граматички термини, сказни и митови. Јазикот е свесно деконструиран – поетесата игра со неговите правила, го раскинува и повторно го составува, како што се шие/раскинува и женскиот идентитет низ текстот, или како што се отвора и затвора патентот (рајсфершлусот).
Величковска наградата им ја посвети на сите жени и на Драги Михајловски.
– Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели – рече Величковска.
Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024), „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014) на книгата за деца „Ведра“ итн.





