Ник Кејв ни подари љубов. Длабока, тешка, нежна, искрена

Фото: Тоше Огњанов

Љубов. Збор што ќе го изустите во еден здив, во еден миг, или во два и пол часа. По една буква на половина час. Длабока, тешка, бунтовна, драматична, сепак нежна, искрена, откорната од себе и подарена на луѓето. Љубов кон нашите љубени, кон оние што веќе ги нема, кон светот, кон Бога. Со сета своја љубов богатена и богатена со децении, точена и преточена во поезија и музика Ник Кејв синоќа ја опсипа публиката во Скопје. Ја допре секој душа. Несебично, емотивно, љубовно, со хумор и смеење меѓу песните, со многу тага во нив.

Не можам да се сетам на светска ѕвезда што два и пол часа одржала концерт во Скопје. Кејв заедно со басистот Колин Гринвуд веднаш кликнаа со публиката. На сцената само тие двајца, клавир и бас гитара. Ништо повеќе и не беше потребно. Се нижеа понови, но и песни од почетокот на неговата кариера.

– Жал ми е што не можам веќе вака да пишувам. Но, вакви нешта можеш да правиш само кога си млад – рече Кејв кој го одржа концертот точно на еден месец пред неговиот 68 роденден.

Импресивен фокус, кондиција, концентрација и издржливост на гласот покажа тој. Меѓу песните суптилно нè носеше низ неговиот живот, малото родно место Вориканабел во Австралија, првата средба со музиката на Леонард Коен кога имал 14 години, животот во Бразил пред 35 години, љубовта кон децата и загубите во животот.

– Сакам да доаѓам на места што не сум ги видел. Јадеме тоа што вие јадете, ги разгледуваме зградите. Ми се допаѓа тоа – раскажуваше Кејв помеѓу песните.

Симпатичните дофрлања со публиката беа со заемна почит и хумор. Песните се нижеа Higgs Boson Blues, O Children, Girl in Amber, Papa Won’t Leave You, Henry, Weeping Song, I Need You, Mercy Seat, Into my Arms, Jubilee Street, Joy. Во чест на Леонард Коен ја изведоа неговата Avalanche, а во чест на Марк Болан – Cosmic Dancer.

Концертот почна со шеги за фудбалскиот меч што паралелно се случуваше на Градскиот стадион. И ја поттикнуваше публика да ги надгласа навивачите. Не направи никаков проблем поради околностите и демонстрираше големина која немаме шанси често да ја гледаме меѓу нас.

Меѓу 5.000-та публика имаше и гости од странство. Посебна радост е што имаше и млади луѓе кои ја сакаат музиката на Ник Кејв. Публиката беше феноменална, со исклучок на две-три групи, очигледно фанови на Кејв со оскудно домашно воспитување. Немаше да имаат таква слобода ако концертот се одржеше во затворен простор, бидејќи така е конципирана целата соло турнеја на Кејв.

Организаторите „Авалон“ го нагласија тоа, како и фактот дека во Скопје во моментот нема соодветен простор за ваков концерт, па тимот на музичарот одбрал да биде на отворено, на Стадионот на АРМ. И не згрешија, затоа што публиката на нозе ги опушти музичарите и се создаде убава кохезија. Нешто што потешко се случува во сала.

Синоќа Скопје покажа дека сè уште го има духот од пред 30 години кога беше предводник на концертните случувања во регионот. А Ник Кејв е чиста енергија. Љубов пронижана со радост и со тага.

Сподели