Иван Штрпка: И на „мали јазици“ се прават големи дела. Светот треба да го знае тоа

Штрпка рече дека во Словачка многу добро знаат оти Охрид е лулката на словенството и дека оттаму доаѓаат светите браќа Кирил и Методиј и ја носат азбуката во Велика Моравија

Во словенскиот свет и за словачкиот и за македонскиот јазик обично зборуваат како за „мали јазици“. Наградата „Златен венец“ е потврда дека нашите „мали јазици“ прават значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме, во никаква смисла не сме мали, рече лауреатот на Струшките вечери на поезијата, словачкиот пет Иван Штрпка.

Синоќа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга официјално беа отворени 64. Струшки вечери на поезијата со палење на фестивалскиот оган и читање на „Т`га за југ“ на Константин Миладинов. Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а пред присутните се обратија министерот за култура и туризам, г Зоран Љутков и директорот на СВП, Никола Кукунеш. Следуваше програмата „Меридијани“ со меѓународно поетско читање.

Претходно, на прес-конференцијата вчера Штрпка рече дека Македонија е држава што знае да ги почитува вистинските вредности. Директорот на СВП, Никола Кукунеш посочи дека годинашниот лауреат е поет кој успеал во својот живот да ги вкуси сите страни на битисувањето, кога станува збор за поетското творештво.

– Бил и човек, кој е ценет, но и поет, кој ја почувствувал репресијата на системот – рече Кукунеш.

Уметничкиот директор на фестивалот, Мите Стефоски нагласи дека годинава преку Штрпка е наградена словенската литература, која преку изборот на поезија во тријазичното издание на лауреатот ќе овозможи поширока рецепција во македонската книжевност.

– Наградуваме словенска литература која и досега имала големи претставници. Дојде денот кога треба да наградиме еден голем и значаен поет, претставник на една извонредна генерација поети, член на групата „Осамени бегачи“. Со изданието ќе овозможиме поширока рецепција во македонската книжевност, но и во светската. Веруваме дека покрај оваа награда ќе следуваат и други интернационални награди. Творештвото на Штрпка со сигурност заслужува таков однос – рече Стефоски.

Ивна Штрпка

Штрпка изрази задоволство што Фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.

– Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база – рече Штрпка.

Традиционално, тој во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое стои табла испишана со неговото име. Беше почестен што неговото име е покрај дрвјата и на други светски реномирани поетски бардови.

– Некои од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Се надевам дека во блиска иднина во паркот ќе израсне една благородна шума и никој никогаш нема да се осмели да ја исече – додаде тој.

Штрпка рече дека во Словачка многу добро знаат оти Охрид е лулката на словенството и дека оттаму доаѓаат светите браќа Кирил и Методиј и ја носат азбуката во Велика Моравија.

– Благодарни сме што имаме подадена рака и во денешно време од вас. Испраќаме порака за значењето на подадената рака на заедништво во светот. Нашиот дух, духот на словенството што потекнува од овие простори е овоплотен и во словачката душа. Јас тоа го признавам и сум почестен што ме преведовте на вашиот македонски јазик – рече Штрпка.

На 64. издание на СВП учествуваат 70 поети од различни делови на светот, кои во духот на традицијата, преку низа поетски читања ќе изградат мостови на разбирање, емпатија и креативен дијалог. Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а фестивалската сценографија ја оживеа и ù даде нова димензија, преку современо визуелно обликување.

Целата програма на СВП на линкот.

Сподели